Денеска е 24 ноември според стар стил и се слави Св. великомаченичка Екатерина.

Екатерина е ќерка на царот Конста. По смртта на татко ѝ живееше со својата мајка во Александрија. Мајка ѝ беше потајна христијанка, којашто преку својот духовен отец ја приведе кон Христовата вера и Екатерина.

Во едно видение Екатерина прими прстен од Самиот Господ Исус, во знак на веридба со Него. Тој прстен до денес стои на нејзината рака. Екатерина беше многу надарена и добро школувана во грчката философија, медицината, реториката и логиката, а притоа беше и необично убава. Кога злочестивиот цар Максенциј им принесуваше самиот жртви на идолите и им наредуваше на другите да го вршат истото, Света Екатерина смело излезе пред царот и ја разобличи неговата идолопоклоничка заблуда.

Кога виде царот дека е посилна од него во мудроста и во знаењето, повика педесетмина најмудри луѓе за да се препираат со неа за верата и да ја посрамат. Но, Екатерина ги надмудри нив и ги посрами. Разјарен царот нареди сите педесетмина мудреци да се изгорат во оган. По молитвите на света Екатерина овие мудреци сите пред смртта го исповедаа името Христово и се објавија себеси за христијани.

Кога оваа маченичка беше во затворот, го приведе кон верата војводата Порфириј со двесте војници, а ја обрати кон Христа и самата царица. Сите пострадаа за Христа. При мачењето на света Екатерина ѝ се јави Ангел Божји, го запре и го искрши тркалото на коешто беше мачена; а потоа ѝ се јави Самиот Господ Христос и ја утеши. После многу мачења ја убија со меч во нејзината осумнаесетта година, на 24 ноември 310 година. Од нејзиното тело истече млеко наместо крв.

Чудотворните мошти на света Екатерина почиваат на Синај.

……..

Света великомаченица Катерина

Ја сонувала Божјата мајка и станала христијанка

Именден празнуваат: Катерина, Ката, Катица…

Житието раскажува дека светата великомаченица Катерина потекнува од царско семејство од градот Александрија. Живеела кон крајот на третиот и почетокот на четвртиот век. Мајка ѝ била христијанка, но поради тоа што христијаните биле прогонувани, таа тоа свое верување не го кажувала јавно. На 18 годишна возраст Катерина била ретко убава, паметна и образована девојка со познавање на филозофијата, литературата, а особено ги совладала медицинските науки. Многу богати кнезови сакале да се оженат со неа, но на сите што ја убедувале да се омажи им одговарала дека ќе се омажи тогаш кога ќе ѝ најдат момче што ќе биде рамно на неа со богатство, убавина и образование. Но такво момче немало. Имало и богати и образовани, но убави и мудри како неа немало.

Во близината на градот живеел еден праведен човек кој Катерина ја упатил во тајните на христијанството. Тој ѝ зборувал за чудесното раѓање на Исус од Пресвета и пречиста Дева Марија, која поради својата светост и чистота станала мајка на Спасителот, а подоцна била однесена на небото каде што ангелите ја служеле и ѝ се поклонувале како на царица. Подоцна Катерина ја сонувала Божјата мајка со својот син и го прифатила христијанството со сета своја душа и разум.

Еднаш кога царот и останатите пагани принесувале жртви и се молеле на паганските идоли Катерина му се обратила со зборовите. „Царе, нели ти е срам што се молиш пред гнасните идоли. Зошто не го запознаете вистинскиот Бог, кој слегол на земјата и зел човечка форма поради нашето спасение. Тој не сака жртви, туку само да живееме според неговите заповеди“. За ова Катерина требало да биде жестоко казнета, но поради нејзината убавина царот посакал да ја придобие за жена, ветувајќи ѝ раскошен живот и богатство, но и да ја оттргне од христијанството. Но, Катерина сето тоа го одбила со гнасење. Кога царот помислил дека е недостојно за еден цар да се расправа со една жена, повикал педесетина мудреци кои требало да ја разубедат убавата девојка.

Но, мудрата Катерина сите нив и многу народ убедила во вистинската Христова вера и ги придобила за христијанството. Поради тоа била осудена на смрт и пратена на губилиште. Главата ѝ била отсечена со меч на 18-годишна возраст на 7 XII/24 XI 305 (според други 310) година. Преданието раскажува дека подоцна ангелите ѝ го однесле телото на Синајската планина.
Во Гевгелиско Св. Катерина не се празнувала на 24 туку следниот ден на 25 ноември (с.с.) и се сметала за другарка на св. Варвара. (Подготви Марко Китевски)