СДСМ успеа да го победи режимот на Груевски кога успеа да направи широка граѓанска платформа кон која се приклучија огромен број на неопределени гласачи, граѓански активисти, млади независни луѓе чиишто ставови и идеи беа прифатени, но СДСМ заборави на некои клучни ветувања како она носечкото „нема правда, нема мир“, рече заменичката претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова Пановска во интервју за неделникот Фокус.

-СДСМ заборави на некои клучни ветувања како она носечкото „нема правда, нема мир“ од Шарената револуција, на бранот на чиишто надежи и очекувања дојде на власт. СДСМ секогаш победува само кога на принципиелни, вредносни основи ќе успее да го мобилизира поширокото граѓанско движење кое ги надминува партиските граници. При тоа, СДСМ ја нема таа привилегија да очекува и да се надева дека граѓаните ќе ѝ прогледуваат низ прсти. Од овие принципи не смее да има отстапување ниту од позиција на опозиција, најмалку од позиција на власт, тоа сега е научена лекција, рече  Каранфилова Пановска.

Во интервјуто, Каранфилова Пановска посочува ги најавува политиките на новото раководство на партијата за повторно враќање на довербата кај граѓаните.

-СДСМ пред се мора да ги консолидира своите партиски структури и редови кое се срцето на секоја партија, но мора да се отвара и гради стратегии како да ја придобие довербата на пошироката јавност која слободно и независно гласа од насоките на политичките партии.Како ново раководоство на СДСМ, мора да имаме секогаш на ум, дека нашите членови и граѓаните мора пред сѐ внимателно да ги слушаме, така што ќе ги разбереме нивните приоритети, идеи и проблеми.  Само така ќе можеме соодветно да ги креираме политиките на партијата и согласно нив и понатаму да постапуваме со максимална доследност, вели Каранфилова Пановска.

При тоа, Каранфилова Пановска додаде дека новото раководство на СДСМ ќе ги врати автентичните партнери со искрени политики, групите кои ја поддржуваат партијата и дека нема да се толерира застранување од вредностите на солидарност, грижа за сите, особено за најранливите, реторика на омраза и поделби во партиските редови.

-Ценам дека како тим и заедно со сите другите новоизбрани колеги во раководството на партијата, со многу работа, со многу посветеност и многу доследност во политиките ќе направиме пред сѐ разлика и промена, која граѓаните и членовите на СДСМ силно ја бараат. Верувам дека ќе го вратиме СДСМ на вистинскиот колосек, а сето тоа на крајот ќе ги даде посакуваните резултати, порача заменичката претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска.

СДСМ – Центар за комуникации со јавноста