Во Бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје синоќа започна меѓународната панел-дискусија на тема „Театарските односи меѓу Република Бугарија и Република Македонија – Актуелен статус и европски перспективи“.

На конференцијата, како што јави БТА, учествуваат претставници на театри од Пловдив, Благоевград, Велес, Скопје, Куманово, операта во Варна, невладини организации кои работат во областа на театарската уметност, Факултетот за драмска уметност во Скопје, консултантски куќи.

Учесниците на конференцијата, организирана од Амбасадата на Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, разговараат за новите начини на соработка и развој на театарските односи меѓу двете земји и за можностите што ги даваат европските фондови за развој на културната сцена.

Двата панела во рамки на денешниот ден ќе бидат посветени на европските перспективи на добри примери и позитивни искуства и меѓународните театарски мостови меѓу институционалниот и невладиниот сектор, а вечер учесниците ќе присуствуваат на операта Пикова дама, со која Државната опера Варна гостува на сцената на Националната опера и балет на Македонија.

Фото: БТА