Во интервју за Телма, министерот Муцунски во поглед на македонските евроинтеграции истакна дека тоа е товар на три ентитети или три страни.

„Прво товарот е наш, наш интерес е да се најде решение за овој предизвик, со што ќе бидеме долгорочно заштитени. Ние имаме интерес да го решиме тоа, бидејќи факт е дека ни се закочени евроинтеграциите. Втор интерес да го реши ова прашање е соседна Бугарија. Затоа што Бугарија е доведена во ситуација да блокира во европска иднина земја партнер, земја членка на НАТО и да дејстувува како нерационален чинител во регионот. Веројатно после нас од земјите кои следствено имаат најголем интерес од нашата европска интеграција е токму Бугарија. И третиот фактор којшто има притисок да се изнајде решение на оваа прашање е ЕУ. Затоа што по односот на македонската европска интеграција е прашање на кредибилитет на ЕУ. Тврдам дека ден за ден губи кредибилитет со нерешавањето на овој проблем за којшто постои решение.“

„И сега каде се САД? Тие стратешки и историски гледано секогаш биле веројатно најпринципиелните поддржувачи на процесот на европска интеграција. Факт е дека имаат влијание во овој регион, и факт е дека имаат влијание во Европа тоа е неспорен факт кој не смееме да го игнорираме“ изјави Муцунски.

„Во делот на интеграциите би напоменал дека е година неславен јубилеј. 20 години откако Европскиот совет ни додели статус кандидат што сериозно говори за недостатокот на капацитет низ годините. Треба да има раздвижување во делот на проширувањето. Ние имаме сериозна препрека, не како уставна измена само по себе, туку има и споредни елементи кои се наследен проблем од претходната Влада. Којашто дипломатијата ја гледаше како практична алатка да го испорача она што го бара другата страна. Ние како Влада најлесно е, еве сега одиме во Брисел, ни велат „Тоа треба да го направите“ и ние да речеме „Да“ – тоа е најлесното нешто. Веројатно ќе не третираат во Брисел како најголеми херои „Ќе речат нема подобра Влада, вака се одлучува“, но понатаму не размислуваме што ќе се случува понатаму“ посочи Муцунски.

„Тука во делот на предизвиците кои ги имаме да најдеме рационално решение, и да не бидеме вратени по 6-7 месеци на исто место. Тоа што мене ме радува е реториката од чинителите во Брисел е дек ЕУ говори за уставните измени како еден факт, но истовремено говори и за дијалог помеѓу Скопје и Софија и говори за изнаоѓање на рационално решение. И тоа е таа промена која како Влада во последните шест месеци успеавме да ја наметнеме. Прифаќање на одредени услови без никакви гаранции за нас како држава дека ќе имаме предвидлив пат е нешто што само ќе ни наштети на нас и на политиката на проширување“ истакна Муцунски.

Според министерот за надворешни работи и надворешна трговија:

„Најсигурен начин да се обезбеди предвидливост е моделот на уставни измени со одложна примена. Истовремено сме кажале и на највлијателните земји членки, ако имате друга идеја која ќе ни обезбеди предвидливост ние сме подготвени да разговараме.“