Глобалната безбедносна слика во моментов не изгледа добро, но ние точно знаеме што треба да направиме за да се заштитиме и веќе правиме многу, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во обраќањето на почетокот на дводневното заседание на Воениот комитет на Алијансата на ниво на началници на генералштабови на земјите членки, што се одржува во Брисел.

– Нашата цел е јасна: Мора да продолжиме да правиме се што можеме, сите заедно, да ги чуваме сите наши луѓе безбедни. Во прашање е нашата идна безбедност. Војната на Русија против Украина беснее. Руските непријателски активности против нашите земји се зголемуваат – со кибер напади, обиди за атентати, акти на саботажа и многу повеќе. Порано ги нарекувавме хибридни, но, тоа се акции и кампањи за дестабилизација, истакна Руте.

Според него, Русија напорно работи во обид да ги ослаби западните демократии и да ја уништи нивната слобода и во тоа е потпомогната од Кина, Северна Кореја и Иран, а дополнително Западот се сочува и со други опасности, како тероризмот, ширењето на нуклеарното оружје и на дезинформации и климатски промени.

Руте потенцира дека сите сојузници во НАТО ги зголемуваат инвестициите во одбраната, подготвија цврсти воени планови, ја зголемија подготвеноста на своите сили и одржуваат се поголеми и почести воените вежби.

– И сето ова е суштинско, но не доволно за да се справиме со опасностите што ни доаѓаат во следните четири до пет години. За да спречиме војна, треба да се подготвиме за неа. Време е да се префрлиме на размислување за време на војна. И ова значи дека треба да ја направиме нашата одбрана уште посилна со трошење повеќе на одбраната и производство на повеќе и подобри одбранбени капацитети, истакна Руте.

Тој потенцира дека мора да продолжи поддршката за Украина, со цел да и се помогне да ја смени траекторијата на војната.

– Сите сакаме да заврши војната. Но, пред се, сакаме мирот да трае, потенцира генералниот секретар на НАТО.

Руте нагласи и дека Алијансата треба да соработува со своите партнери ширум светот, затоа што безбедноста е тимски напор и колку е поголем тимот, толку сите се побезбедни.

– Така, мојот приоритет понатаму е да се осигурам дека ќе го направиме она што е неопходно целосно и брзо во одбраната, Украина и партнерствата, додаде Руте.

Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмиралот Роб Бауер пак оцени дека задачите што претстојат пред Алијансата бараат „херкулски“ напори, но не се неостварливи.

– Нашите задачи се да го зајакнеме одвраќањето и одбраната на Алијансата и во исто време да ја поддржиме Украина во нејзиниот отпор против неиспровоцираната агресија на Русија, рече Бауер.

Според него, најдобар начин да се одржи мирот е да се подготвиме за војна, затоа што подобрат подготвеност за борба ја зајакнува способноста за одвраќање и ја минимизира шансата за војна на сојузничко тло.

– Во текот на следните два дена, ќе разговараме за подготвеноста на НАТО да ја одврати и одбрани евроатлантската област и да ги заштити едната милијарда жители на регионот, потенцира Бауер.

Тој нагласи дека денеска е 1057-миот ден од почетокот на она што Русија мислеше дека ќе биде тридневна војна, но реалноста е дека Кремљ се уште не постигна ниту една од своите стратешки цели, додека седумстотини илјади Руси беа убиени и ранети и целото руско население страда под товарот на воените напори.

– Во меѓувреме, Украинците се соочуваат со тортура, силување, киднапирани деца и возрасни, целосно негирање на нивниот идентитет, логори и масовни гробници. Борбата за слобода овде не е претенциозен слоган. Тоа е она што (Украинците) го прават секој ден. Суверенитетот не е апстрактен термин. Тоа е разликата помеѓу одлучувањето за сопствената судбина или тоа да се решава во Москва. На Украина и е потребна и ја заслужува нашата целосна поддршка, нагласи Бауер.

Според него, поддршката на Украина е политички и воен интерес на НАТО, со што ќе му покаже на светот дека демократијата може и ќе победи.

– И за таа демократија вреди да се бориме. Тоа не е совршен систем… но, вреди да ги ризикуваме нашите животи, истакна Бауер, додавајќи дека за таа цел НАТО треба да ја подобри својата воена соработка, стандардизација и интероперабилност.

Бауер на крајот им изрази почит на, како што рече, „бендот од 3,5 милиони браќа и сестри во униформи кои ги бранат нашиот голем сојуз и демократските вредности и владеењето на правото кои се ткивото на нашите општества“. сп/

Фото: Скриншот