Скопското обвинителство денеска поднесе обвинение за проневера во службата против поранешниот директор на комуналното претпријатие од Општина Гази Баба, Влатко Митовски. Тој се товари дека додека бил в.д. директор, во 2021 година, склучил договори за ангажман на седум лица, кои земале пари, а не работеле. Им биле исплатени вкупно 880.000 денари, односно над 14.000 евра.
„Договорите биле заведени под ист деловоден број и имале потпис само од обвинетиот. Притоа, иако за нив водел евидентни листови кои обвинетиот лично ги потпишувал, наводно ангажираните привремени работници не работеле во ЈКП „Гази Баба – 2007“, а на одредени датуми за кои примале хонорар всушност се наоѓале надвор од границите на државата“, соопшти Обвинителството.
Митовски е претседател на Општинската организација на СДСМ во Гази Баба.
Обвинителството побарало мерки за претпазливост против него – одземање на пасошот, забрана за напуштање на живеалиште и повремено да се јавува кај службено лице.