Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров даде првична оценка за настапот на „црвено-жолтите“ во првата фаза на 29. Светско првенство.
Лазаров смета дека треба да се задоволни со победата, но секако можеле подобро.
-Промашивме 20 шутеви од кои 15-16 чисти зицери. Со поквалитетен противник нема да победиме ако промашуваме толку. Добро е што ги поштедивме Митревски, Пешевски, Митев. Допрва тешки борби не’ оечкуваат, ни треба енергија. Жалиме за бодот со Унгарија, одиме да се подготвуваме за Австрија, вели селекторот.
Стручниот штаб утре ќе анализира и планот за следните натпревари ќе го презентира пред играчите.
И селекторот и репрезентативците ја очекуваат поддршката од навивачите и за следните натпревари.
Во Главната рунда Македонија ќе игра против репрезентациите на Франција, Австрија и Катар.
Според распоредот, следниот натпревар Македонците ќе го играат на 21 јануари исто така во Вараждин, со голема веројатност против Австрија.