Ракометната селекција на Македонија ја забележа првата победа во главната фаза, а втора на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка. Веселин Вујовиќ и неговиот Катар немаа решение за разиграната Македонија и во првиот денешен натпревар од групата 2 нашите момци славеа победа од 39-34.

По средбата во Вараждин своја анализа на одиграното даде селекторот Кирил Лазаров.

„Честитки на момците за сето она што го прават за овој дрес. Тешко е на петти меч против квалитетен противник да имаш фокус, концентрација и борба. Секоја чест за сите играчи. Ние веруваме во она што го работиме, свесен сум дека имаме квалитет. Веруваме во системот, во поставеноста, во стратегијата. Се гледа дека собираме искуство, во неколку наврати ги вративме Катарците во мечот, но имаме една глава и опашка, честитки до играчите за нивната борба.

Штета што ги нема нашите навивачи од првиот круг, многу ми е жал, но тоа го прифаќаме. Ова е за нив, за цела Македонија. Ни следи Франција, не дека тие се фаворити со нас, туку и за златото. Играат во страшен ритам, шутираат од далеку и даваат голови. Тоа се мои колеги со кои играв до пред некоја година, има четири до пет играчи од Нант, плус ѕвездите од другите клубови. Немаме што да загубиме, ќе се надигруваме, ќе се обидеме на друг начин да ја поставиме играта. Ќе биде многу тешко, но се надевам дека ќе има да се понадеваме на нешто во некој момент од натпреварот. Самото присуство на Светско првенство е големо искуство за младите играчи и се надевам дека сите во своите клубови ќе бидат на повисоко ниво. Сите добиваат шанса, а тоа е предност за нас како тим, за нив како индивидуалци и за сите“, рече селекторот.

Во последното коло од главната фаза ќе се сретнеме со фаворитот Франција, в сабота во вечерниот термин од 20:30 часот.