По најавите за бојкот на големите маркети низ Македонија в петок на 31 јануари, дел од нив веќе почнаа со акции за граѓаните.
Еден од големите синџири на маркети КАМ, на социјалните мрежи објави дека граѓаните треба да побрзаат да купат производи, по како што велат многу ниски цени, објави Прес 24.
– Посетете нè и пронајдете ги вашите омилени производи по неверојатно ниски цени! Побрзајте! Количините се ограничени, а понудата важи додека траат залихите. Не пропуштајте ја шансата да заштедите! Посетете нè уште денес и зграпчете ги најдобрите понуди!, стои во објавата на КАМ на социјалната мрежа Фејсбук.
Како што веќе објавивме, в петок е најавен голем бојкот на големите маркети поради зголемувањето на цените на производите.
„Повикуваме на масовен бојкот в петок. Воздржете се од купување во големите маркети, избегнувајте ги помалите маркети. Сакаме да испратиме порака дека граѓаните нема да ги толерираат овие нереални поскапувања,“ велат организаторите на бојкотот на социјалните мрежи.
Освен во Македонија и во Босна и Херцеговина граѓаните најавија бојкот на супермаркетите и продавниците за 31 јануари, а слични повици има и во Црна Гора.
Хрватска која веќе организираше протести за големите цени во маркетите е инспирација за овие повици на граѓаните од регионов.