Актерот Сашко Коцев синоќа со неговиот автомобил во центарот на Скопје повредил полицаец, извести МВР.

Според МВР, околу 19.15 часот, во Скопје, на подрачјето на Центар, С. К., управувајќи возило „фолксваген“, не застанал на знакот за запирање даден од полициски службеник кој извршувал службени дејства, агресивно се однесувал, по што со возилото го удрил полицискиот службеник и го напуштил местото.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Коцев за порталот Плусинфо негира. Тој изјави дека на лицето кое му пришло и му наредило да си замине, му поставил прашање за тоа кои се тие што ја затвораат улицата.

Според неговите зборови, лицето му одговорило „Сега ќе видиш кој сум“, а потоа стоело пред возилото.

– Во моментот, моето дете почна да плаче поради стравот, а јас само ја подигнав ногата од кочницата и возилото се придвижи дека е автоматик. Јас не возев 200 па да сум удрил или повредил некого. Кога возилото полека се придвижи лицето се поттргна и јас си продолжив да возам. Информацијата што ја прочитав на некои портали беше невистина. Немав никаква намера да повредам или да прегазам некого – ни изјави Коцев.