Ски-центарот „Нижо Поле“ на ЈП „Стрежево“-Битола е подготвен за претстојната скијачка сезона, извршен е стручен надзор и потврдена е техничката подготвеност на двата ски-лифта.
Од ЈП „Стрежево“-Битола информираат дека скијачите рекреативци непречено ќе може да уживаат на скијачките патеки, а во текот на зимата ќе бидат понудени и креативни програмски содржини.
-Подготвени ја дочекуваме ски сезоната. Одржувањето на двете скијачки патеки освен со персонал ќе се врши и со ратрак за секоја патека посебно, а за ноќно скијање обезбедивме осветлување. Инсталиравме и т.н. „панично осветлување“ кое освен на патеките, поставено е и на двата паркинзи колку што ги има во непосредна близина на ски-центарот. Оваа инвестиција беше неопходно потребна за да продолжи традицијата за ноќно скијање, а посетителите да се чувствуваат сигурни дека нема да има никакви проблеми за безбедноста на нивните автомобили, како и за влез и излез од ски-центарот во ноќни услови, истакна Методија Граматковски, генерален директор на ЈП „Стрежево“-Битола.
Од ЈП „Стрежево“ информираа дека реконструирани се пристапните патеки до ски-центарот и наместо по досегашната каллива површина, сега секој посетител може да чекори по чиста патека со што нема да се оштетуваат и валкаат скијачките површини.