Потпретседателката на СДСМ и бивша министерка за екологија, Каја Шукова, предупреди дека поскапувањето на парното ќе доведе до нова еколошка катастрофа, бидејќи граѓаните ќе бидат принудени да користат алтернативни и многу поштетни извори на греење, што ќе го зголеми загадувањето. Според неа, ова е директен удар врз семејните буџети, во време кога трошоците за живот експлодираат, а платите остануваат исти.

-Во време кога животот е сѐ поскап, кога граѓаните секојдневно се борат за да го задржат својот животен стандард, Владата зададе нов силен удар врз нив – драстично поскапување на парното греење од над 5%! Ова е директен удар врз семејните буџети, во време кога трошоците за живот експлодираат, а платите остануваат исти, изјави Шукова.

На денешната прес-конференција, таа посочи дека поскапувањето можело да биде спречено со набавка на поевтин енергенс.

-Владата ветуваше евтин природен гас, но повторно излажа. Наместо да набави гас во јануари, кога цената на гасот во Европа беше околу 40 евра за мегават-час, Владата на Мицкоски набави гас за неверојатни 65 евра за мегават-час. Ако Владата навреме се погрижеше за поевтин енергенс, ова покачување немаше да се случи. Но, неспособноста и корупцијата повторно ги плаќаат граѓаните, додаде Шукова.

Таа предупреди дека квалитетот на парното е катастрофален и дека ова поскапување ќе доведе до нова еколошка катастрофа.

-Дополнително, ова поскапување ќе доведе до нова еколошка катастрофа. Граѓаните ќе бидат принудени да користат алтернативни и многу поштетни извори на греење, што значи дека загадувањето ќе расте! Наместо Владата да ја направи топлинската енергија подостапна и да ги охрабри граѓаните да останат на парно, таа со оваа мерка ги тера да бараат поевтини, но многу поштетни решенија. Во услови кога Скопје е прв на листата на најзагадени градови во светот, овие политики на Владата директно го загрозуваат животот на скопјани. Значи, ни стандардот, ни здравјето на граѓаните не ѝ се приоритет, рече таа.

Таа се осврна и на растот на цените, критикувајќи ја Владата дека не го штити стандардот на граѓаните.

-Во изминативе осум месеци, Владата целосно го уништи животниот стандард на граѓаните. Цените во маркетите растат без контрола а платите стагнираат. Владата немо го следи осиромашувањето на народот, без ниту една конкретна мерка за спас. Цените на основните производи се вивнуваат во небо, потрошувачката кошничка за само еден месец поскапе за 400 денари и достигна рекордни 63.000 денари,  а граѓаните едвај врзува крај, рече Шукова.

Бившата министерка за екологија се осврна и на евроинтеграциите.

-Мицкокси преку изјавата на вицепремиерот Изет Меџити свесно им испраќа порака на граѓаните дека патот кон Европската Унија не е приоритет! Ова не е обична изјава, туку сигнал дека Владата планира да го одложи процесот на интеграција и свесно ја држи Македонија заглавена во место. Најважното прашање што треба да се постави е дали ова е официјален став на Владата или само пробен балон? Дали Христијан Мицкоски стои зад оваа изјава, или кукавички се крие зад својот коалициски партнер? Ако Владата донела одлука Македонија да го „чека“ Косово, зошто тоа не се соопштува транспарентно пред јавноста? Владата мора да одговори јасно, изјави Шукова.

Фото: СДСМ