Од Клиниката за токсикологија нема пријави за дете што учествувало во тик-ток предизвикот со парацетамол, вели министерот за здравство Арбен Таравари. Како што претходно на социјалните мрежи прв апелираше и алармираше проф. д-р Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија, овој опасен предизвик е опасен и вклучува внесување на големи дози парацетамол. Според Чибишев, труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови и дури и 10 до 30 таблети предизвикуваат оштетување на црниот дроб.

Досега немаме информации од Клиниката за токсикологија дека некој од пациентите кои кои учествувале во „тик-ток“ предизвик, млади луѓе кои користат по 5-6 парацетамоли, дека се пријавени на Клиниката за токсикологија. Јас првпат ја слушам оваа информација бидејќи не ни користам „тик-ток“, коментираше министерот за здравство Арбен Таравари.

Претходно, на 1 февруари 2025-та, директорот на Тоскикологија, д-р Чибишев напиша:

Нова опасност им се заканува на нашите деца.  Експериментот со ПАРАЦЕТАМОЛОТ е исклучително опасен и може да заврши со тешко неповратно оштетување на црниот дроб или смрт. Токсичната доза изнесува 5 до 15 грама или 10 до 30 таблети од 500 милиграми или леталната – смртна доза е 20-25 грама .

Труење настанува заради исцрпување на метболичкиот систем на црниот дроб, силното хепатотоксично дејство на N- ацетилмидокинонот ( составна компонента на Парацеталот) кој предизвикува некроза или распаѓање на хепатоцитите, клетките кои го градат црниот дроб. Следува т.н токсичен хепатитис кој има исклучително тешка клиничка слика, проследена со масивни внатрешни крварења, тешко засегање на централниот нервен систем ( енцефалопатија) и акутно откажување на бубрежната функција.

Ги повикувам надлежните институции внимателно да ја следат состојбата“ напиша проф. д-р Чибишев, а неколку дена по него реагираа и д-р Беќаровски и останати токсиколози и здравствени работници.

Пред десетина дена здравствените власти на кантоните Фрибург, Јура и Вауд во Швајцарија, го предупредија населението за ризиците од оваа практика. Аптеките се повикани да бидат повнимателни при продажбата на овој лек на младите луѓе, соопштија кантоните.