Јованка КЕПЕСКА

Во последно време, некои говорници велат дека припадноста на народот, бидејќи го искажувало чувството кај поединецот, со промената на чувството тој може да ја промени својата народна припадност.

Човекот може да ја промени припадноста на нацијата но не и народносната припадност. Може да избере друга нација во чии рамки би живеел. Иако, се разбира, изборот на нацијата во која би живеел, не оди автоматски. Некогаш, е и неостварливо, се врши со опсежни процедури, кои секоја нација преку државата ги пропишува за да се исполнат, како би можел новиот припадник на нацијата, самиот за да функционира и за да  брани новоизбрната политичка заедница. Условите кои се поставуваат се, безусловно, познавањето на службениот јазик, историјата, културата, политичкиот систем и друго на нацијата. На таков начин преодот во избрана нација не се сведува само на желбата кај поединецот, и притоа.

Лабилните постапки за државјанство во Република Македонија, при што предодредените наши формални органи не се придржуваа за исполнување на нормативно пропишаните обврски што треба да ги исполнат барателите за нашето државјанство, очигледно, наведоа на сфаќањето дека е лесна промената на припадноста на нацијата. Имено, своевремено, дадени беа 150.000 пасоши во изборни цели, а се случуваат и актуелни случаи за недозволено, би рекле, криминално издавање на пасоши, како што е случајот со 250 – те неразјаснети пасоши.

Припадноста на народот е осознаен процес и кај поединците но и на народот. Теоретски, знаеме дека неосознаените народи се третираат со терминот – аморфна маса. Односно само за нивната даденост. Претенциозноста на таквите теоретски поставки е очеглидна. Како неосознаени, дека се лесни за асимилација односно за претопување. Но, претпоставени во амбициите за анексии на нивните етнички територии.

Во некои теоретски опции народите се окфалификувани како неисториски, а се јавуваат расните теории за народите.

Со оглед на општите карактеристики на човекот дека зад секој негов чин стои мислење, ќе укажеме дека и зад секое чувство стои свест. Што значи дека кај човека не постојат чувства изолирани од свестната дејствителност. Односно дека покрај ирационалната сфера стои и рационалната сфера на човекот. Иако останува посебноста на ирационалната сфера, односно на чувствата што постојат кај човека.

Таков однос се создава при припадноста на народот. Значи, за припадноста на народот човек има осознаен однос. Знаеме зошто сме, и на каков начин, припадници на својот народ.

Што е тоа што ја формира нашата свест за нашата припадност на народ? Одговорот за нашата припадност на народот го добиваме преку сите облици на создадената општествена свест, какви што се науката, уметноста и религијата. Тие го објаснуваат, но и го олицетворуваат нашиот народен идентитет. Така, македонскиот идентитет го осознаваме, истовремено, осознавајќи се себе си, преку сите општествено хуманистички, но и природни и технички науки, преку сите облици на уметност, на книжевноста, на ликовната уметност, на музиката и други, како и на моралот и религијата. Така што припаѓаме на народот според идентификацијата која ја извршиле сите облици на свест за нас и ги примаме како наши, сопствени во идентификацијата. Знаеме, според науката за нашата посебност како народ, нашето создавање, развој, посебноста на јазикот, за квалитативните народни обележја, за способноста за определено творештво, за менталитетот, за моралните и духовните вредности. Идентификацијата на македонскиот народ се одвивала континуирано, во периодите кога македонскиот народ се најдува во преднационален период, и од самиот период на своето формирање, искажувајќи ја својата посебност преку народното творештво. Круме Кепески ќе рече тоа е период кога сме имале литература иако не сме имале литературен јазик. Што говори дека свеста опстојувала и постојано се градела.

Се разбира, постојат појави на натурализација кога определени поединци усвојуваат определени облици на идентификација, во определени околности, од други народи. Таквите појави се претпоставуваат одвоено. И како исклучок. И да не биде дека исклучокот станува правило.

Приодот кон идентификацијата на припадниците на народите го следи процесот на идентификацијата на поединците со народот на кој му припаѓаат што реално опстојува и што не може да се поврзи со нивното автохтоно чувство. Што, уште помалку, може да се прифати за променливост на припадноста на народ со промената на чувството. Народот е објективна општествена појава а ние, како поединци, се препознаваме покрај со личниот идентитет и според припадноста на народ.