Македонскиот патриот Горан Ангелов-Ќосето, осуден за „27 април“, доби прекин на казната од два месеца, откако претходно судот го одби и, иако со болки и скршени ребра, беше вратен зад решетки.
-Притисокот од јавноста се исплатеше. На Горан Ангелов-Ќосето му е дозволен прекин на издржувањето на затворската казна во траење од два месеци за кои можеби ќе побараме продолжување со оглед на тоа дека излезе дека му се скршени 4 ребра (не три) од кои едно со дислокација. Криво ми е што и во ваква ситуација се во државава мора да иде на сила и некој да биде јавно објавен за да постапи! Фала ви на сите за споделувањето, значително помогнавте!, објави неговиот адвокат Драган Пешевски.
Претходно, Ангелов упати молба за прекин на казната до Судот во Велес, од каде што беше одбиен, иако со проблеми со дишењето поради повредата. По јавната објава на овој случај, неговата жалба му е уважена.
Ќосето во поткастот „Претрес“ раскажа како додека бил зад решетки, врз него се вршела тортура, не му било дозволувано лекување, иако му било неопходно. Ангелов раскажа дека бил сместуван во самица и малтретиран.