Францускиот претседател Емануел Макрон му честиташе на Фридрих Мерц, лидерот на конзервативците кои победија на парламентарните избори во Германија, потврдувајќи ја неговата решеност да „направат големи работи“ заедно.

– Само што разговарав со Фридрих Мерц за да му честитам на победата, рече Макрон, додавајќи дека разговарал и со канцеларот во заминување Олаф Шолц.

– Порешителни сме од кога било за заедно да правиме големи дела, додаде Макрон на пат кон Вашингтон.

Францускиот претседател денеска треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, а во фокусот на разговорите ќе биде безбедноста на Украина и Европа.

Мерц, лидерот на конзервативците кои вчера освоија најмногу гласови на парламентарните избори во Германија, изрази желба да формира влада „што е можно побрзо“ за да се соочи со актуелните меѓународни предизвици.