САД ВОЗДРЖАНИ: Советот за безбедност на ОН ја усвои американската резолуција за Украина, но со дополнителни амандмани

/ 24.02.2025

Генералното собрание на ОН денеска ја усвои американска резолуција за одбележување на третата годишнина од војната во Украина, но со амандмани предложени од европските држави, поради што САД беа воздржани за време на гласањето на 193-членото тело.

Амандманите вметнати во американската резолуција вклучуваа додавање на формулацијата за руската „инвазија“ на Украина во полна сила и праведен, траен и сеопфатен мир во согласност со основачката Повелба на ОН и потврдување на поддршката на ОН за суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина, објави Ројтерс.

На третата годишнина од рускиот напад врз Украина, САД, како што оценува АП, не успеаја да го натераат Генералното собрание на ОН да ја одобри нејзината верзија на резолуцијата со која се повикува на прекин на војната без да се спомене агресијата на Москва.

САД, како што пренесува и АП, се обиделе да извршат притисок врз Украинците да ја повлечат својата резолуција во корист на нивниот предлог, изјавија американски функционер и европски дипломат кој не сакаше да биде именуван.

Тие го отфрлија, а потоа собранието додаде формулација на американскиот предлог, со што јасно стави до знаење дека Русија го „нападнала“ својот помал сосед со кршење на Повелбата на ОН.

За изменетата американска резолуција гласаа 93 држави, осум гласаа против, а 73 беа воздржани, при што Украина гласаше „за“, САД беа воздржани, а Русија гласаше „против“, пренесува Танјуг.

Заменик-амбасадорката на САД во ОН Дороти Шеј рече дека повеќекратните претходни резолуции на ОН со кои се осудува Русија и се бара повлекување на руските трупи „не успеале да ја запрат војната“, која „сега трае предолго со премногу страшна цена за народот на Украина и Русија и пошироко“.

„Она што ни треба е резолуција што ја означува посветеноста на сите земји-членки на ОН за трајно завршување на војната“, рече таа.

Краткиот нацрт на американската резолуција ја признава „трагичната загуба на животи за време на руско-украинскиот конфликт“ и „бара брз крај на конфликтот и дополнително поттикнува траен мир меѓу Украина и Русија“.

„Инвазијата“ на Москва не беше спомната. САД, исто така, сакаа нивниот предлог да биде изгласан во помоќниот Совет за безбедност на ОН.

Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои резолуцијата подготвена од Украина и нејзините европски сојузници претходно денеска за да ја одбележи третата годишнина од руската инвазија на Украина со 93 гласа „за“, 65 „против“ и 18 „против“, објави Ројтерс.

Резолуцијата ја подготви Украина во соработка со повеќе од 50 земји, пренесе РИА Новости.

Резолуцијата бара Москва „веднаш, целосно и безусловно“ да ги повлече сите свои вооружени сили од украинска територија. Резолуцијата содржи и едностран повик до Руската Федерација да ги прекине непријателствата, наведува руската агенција.

Во исто време, како што пренесува РИА Новости, „терористичките напади на Киев врз мирни граѓани на Руската Федерација, како и присуството на вооружените сили на Украина во регионот Курск“, на ниту еден начин не се осудувани или споменати во нацрт-резолуцијата.

Во текстот, исто така, не се споменува правото на народите на самоопределување, како што е пропишано во Повелбата на ОН, додава руската агенција.

Русија започна воена операција во Украина на 24 февруари 2022 година, со цел, како што наведе, да изврши „демилитаризација и денацификација на Украина“.


Од истата категорија