Поради одлагање во спроведувањето на планираните реформи, Бугарија неповратно загуби 653 милиони евра во форма на грантови од Инструментот за закрепнување и отпорност на ЕУ, а ризикува дополнително да ги загуби и најголемиот дел од преостанатите предвидени средства од овој механизам за поддршка на Унијата.

Според бугарскиот вицепремиерот Томислав Дончев, поради застојот во реформите ЕУ ќе ја одбие исплатата и на новата транша во рамки на Инструментот.

За да може да ги користи предвидените средства во износ од над 5,5 милијарди евра за реализација на проекти од овој Инструмент на ЕУ, што би требало да и бидат исплатени во девет транши, Бугарија се обврза да спроведе вкупно 321 мерка и реформи, но досега имплементира само 115 од нив.

– За четири години Бугарија спроведе само мал дел од реформите што и ги вети на Европската комисија, истакна Дончев.

Досега на Бугарија и се исплатени само 1,34 милијарди евра во рамки на Инструментот за закрепнување и отпорност, а покрај веќе неповратно изгубените 653 милиони, во ризик е добивањето и на преостанатите околу 3,55 милијарди евра. Крајниот рок за исплата на предвидените средства е август 2026 година.

– По овој датум, нема да бидат признати никакви трошоци. Ако имаме исплати за некој проект по овој датум, тие ќе бидат покриени од националниот буџет, изјави Дончев.

Европската комисија ја запре исплатата на втората транша за Бугарија лани во октомври откако бугарското Собрание не успеа да ги усвои измените на Патоказот за климатска неутралност, поради блокадите од страна на пратениците на проруската националистичка партија Преродба и на популистичката Има таков народ (ИТН). Инаку, ИТН сега е дел од новата коалициска Влада формирана минатиот месец.

Дополнително, Бугарија доцни и со спроведувањето на реформите поврзани со борбата против корупцијата и со усвојувањето на законите за личен банкрот и за заштита на укажувачите.

Според Дончев, досега бугарската Влада добила средства за околу 10 проценти од проектите утврдени според нејзиниот Национален план за закрепнување и отпорност, па изгледа невозможно да се реализираат останатите 90 проценти за година и половина. Поради ова, тој најави дека Владата со Европската комисија договорила откажување од некои од планираните проекти

– Доколку не бидат откажани, ќе треба да се финансираат од државниот буџет, што ќе генерира ризик од буџетски дефицит во 2026 година, нагласи Дончев.

Ваквиот договор го потврди и министерката за финансии Теменужка Петкова, која информира дека „се идентификувани седум проекти што нема да бидат реализирани до 30 август 2026 година, а 15 други имаат многу мали шанси за реализација“.

Една од програмите за која е најавено „доцнење“ во реализацијата е онаа за реновирање и енергетска ефикасност на старите станбени згради, за која од Инструментот за закрепнување и отпорност на Бугарија треба да и бидат исплатени над една милијарда евра.

Ваквиот застој во реформите се должи и на фактот што во изминативе нешто повеќе од три години Бугарија беше раководена од технички кабинети или политички влади со краток мандат. 

Фото: МИА Архива