Македонец сопственик на компанија е пронајден починат, а неговата фирма била запалена во средата попладне во Крествуд во американската држава Илиноис. Полицијата соопшти дека осомничениот бил уапсен во Холанд.

„Кратко по 16 часот во средата, полицијата и пожарникарите на Крествуд одговорија на повикот за силен чад во компанијата „ATG Truckload“. Починатиот сопственик на компанијата е идентификуван како 48-годишниот Дане Котески, кој на веб-страницата на транспортната компанија е наведен како претседател и извршен директор“, пренесоа некои американски медиуми.

„Пожарникарите на Крествуд брзо го изгаснале малиот пожар, кога на вториот кат од зградата, сред густ чад, било пронајдено тело на маж. Полицијата во Крествуд и Единицата за тешки злосторства во јужните предградија веднаш започнала истрага. На местото на настанот пристигнал и Државниот противпожарен инспектор од Илиноис за да започне истрага за подметнувањето пожар

„Во текот на следните неколку часа, инспекторите собраа и следеа бројни траги. Осомничениот е идентификуван. Утврдено е дека станува збор за возач кој работел кај починатиот сопственик на фирмата“, соопштуваат од полицијата.

Полицијата го карактеризира ова злосторството како „изолиран инцидент, насочен само кон жртвата“.

Осомничениот на крајот бил лоциран на постојка за камиони во Холанд, на околу 145 милји од Крествуд. Полицијата соопшти дека Единицата за тешки злосторства ја известила полицијата на Холанд, која го привела осомничениот околу 5:15 часот по централно време.

Се чекаат резултатите од обдукцијата. Полицијата и Единицата за тешки злосторства, во соработка со обвинителството, ја продолжуваат истрагата додека работат на екстрадиција на осомничениот назад во Илиноис.

За помош на семејството на починатиот Котески, започна хуманитарна кампања преку платформата GoFundMe. Секој што сака да помогне може да донира средства, а секоја помош ќе биде од големо значење за семејството во овие тешки моменти.