Судот и Обвинителството со различна содржина во соопштенијата меѓусебно се обвинуваат кај кого е вината и различниот аршин при одредување на мерка за обезбедување на Асмир Јахоски и другите осомничени за тендерите за мазут за ТЕЦ Неготино.

Обвинителството вчера соопшти дека побарало притвор за Асмир Јахоски, но судот му определи домашен притвор. Судот пак синоќа информира дека Јавниот обвинител се согласил за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што било прифатено од судијата на претходна постапка. Обвинителството денеска повторно се огласи со став дека тие си барале притвор, но судот не прифатил.

„Судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација.Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, соопшти денеска Обвинителството.

Судот во соопштение вчера објавија дека јавниот обвинител се согласил осомничен за милионски суми да оди во куќен притвор.

„Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од судијката на претходна постапка”, објави вчера кривичниот суд.

Премиерот Христијан Мицкоски, без да го спомене по име се огласи денес со алузија дека улога одиграл токму шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази, човек кој одамна важи за близок до ДУИ и имаше фотографии со челници на ДУИ.

„За мене се алармантни информациите коишто ги добивам, коишто се поврзани со однесувањето на прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата којашто ја спроведуваше МВР и БЈБ пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. На нив не им е местото таму. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди коишто се изградени во Западна Македонија, но доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Но, тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам ќе му биде доцна“, изјави Мицкоски.