Околу 38 отсто од граѓаните на Европската унија се загрижени дека нема да можат да си ги платат сметките, додека 35 отсто стравуваат дека нема да можат да си ја дозволат омилената храна, покажува истражувањето објавено од Европската комисија по повод Светскиот ден на правата на потрошувачите.
Во извештајот се наведува и дека 74 отсто од испитаниците се изјасниле дека е намалено амбалажата на производите, а 52 отсто сметаат дека стоката е со послаб квалитет, без промена на цената, пренесува Ефе.
Кога станува збор за онлајн купување, граѓаните на ЕУ имаат 60 отсто поголема веројатност да доживеат проблеми отколку ако ги купиле истите производи во продавниците, покажа истражувањето. На пример, 26 отсто од луѓето рекле дека наишле на проблеми кога купувале преку Интернет и сметале дека имаат легитимни причини да се жалат, во споредба со 16 отсто од потрошувачите во продавниците.
Во исто време, истражувањето покажува дека трендот на онлајн купување продолжува и дека 76 отсто од сите купувања сега се вршат преку Интернет.
Дополнително, 93 отсто од онлајн-купувачите изразија загриженост за персонализираното рекламирање, 71 отсто стравуваа дека нивните податоци се собираат без согласност, 63 отсто се противат на неможноста да се откажат од персонализацијата и 67 отсто изразија загриженост за прекумерното рекламирање.
Скоро 45 проценти од потрошувачите пријавиле дека биле измамени преку Интернет, додека многу потрошувачи доживуваат нефер практики, вклучувајќи лажни критики (66 проценти) и измамнички попусти (61 проценти).
Сепак, поголемиот дел од потрошувачите (68 проценти) веруваат во безбедноста на производите што ги купуваат и малкумина (помалку од 10 проценти) пријавиле безбедносни проблеми. При купувањето на неисправен производ, 40 отсто од испитаниците го замениле со нов, додека 35 отсто од потрошувачите се одлучиле за поправка, а девет отсто се одлучиле да купат друг од продавниците за втора рака.
Истражувањето исто така покажа дека 43 отсто од граѓаните на ЕУ одлучуваат за производите врз основа на нивното влијание врз животната средина.