Најголемиот дел од повредените лица од пожарот во дискотеката „Пулс“ кои биле однесени во Општата болница во Кочани биле на возраст од 16 до 24 години и биле од Скопје, Штип, Пробиштип и Кочани, соопшти директорката на кочанската здравствена установа, докторката Кристина Серафимова.
Како што посочи таа, најголем дел од настраданите загинале како последица на стампедо кое веројатно настанало поради паниката по избувнувањето на пожарот.
„За жал повеќето повреди биле добиени од стампедото, особено кај пациентите што се починати. Тие починале од стампедото како последица на паничниот напад кај присутните кои почнале да излегуваат од влезот на дискотеката, во која се наоѓале 1500 лица“, изјави директорката Серафимова.
Покрај повреди од изгореници, голем дел од пациентите биле и со интоксикација на јагледорен моноксид. Во кочанската болница првично се правела првата тријажа, а потоа биле пренесувани во болниците во Штип и во Скопје. Во Кочани биле задржани само оние со помали изгореници, од прв степен.