Нема да има милост за никого. Секој еден кој допринесол директно или индиректно, посредно или непосредно, во рамки на оваа ужасна трагедија заради која плаче секој еден Македонец – ќе одговара, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вестите на Сител.
-Моментално како осомничени имаме луѓе кои биле на позиција министер, државен секретар, директори на институции, раководители на сектори, сопственици на правни лица, обезбедување, имаме луѓе кои биле на позиција да изготват одредена документација која била незаконита. Ќе ѝ се згрози на македонската јавност кога овој предмет во детали ќе биде расветлен, од аспект на сите дејствија кои сме ги превзеле. Особено ќе ѝ се згрози кога ќе види дека повторно, по не знам кој пат, последици на овие незаконитости е мито и корупција, рече Тошковски.
-Кога јавноста ќе види за кои суми биле издавани одредени документи и било ставано нешто незаконито, спротивно на сите регулативи и правила, спротивно на сета нормалност на функционирање на едно кабаре или диско, ќе ѝ се згрози, порача министерот.
Тој рече дека за сето ова има докази и порача дека корупцијата на уништи Македонија.
-Во текот на денешниот ден имавме разговор и со градоначалникот кој е во оставка. И да точно е дека се преземаат дејствија во цел целосно утврдување на предметната и правна постапка. Го разбирам гневот на секој граѓанин, очајот и целата болка на секој еден македонски граѓанин ја има. И јас ја имам. Но мораме да бидеме разумни, мораме да работиме согласно закон, мораме да преземаме дејствија кои ќе не доведат до правда. Преку неправда, никогаш нема да стигнеме до правда. Мора верските лидери и политичарите да повикаат на разум. МВР заедно со сите останати институции кои имаат надлежност за извршување, особено ЈО. Брат да ми е, било каква врска да има со ова, ќе одговара. Јавноста ќе види во наредните денови дека ќе има разлика во постапувањето. Нема да е крив пајакот, нема да е крив кабелот. Секој еден кој учествувал, без разлика дали е министер, директор, од најмалото до најголемото, секој еден кој сторил незаконитост ќе одговара, ве уверувам, рече Тошковски.