Страшо АНГЕЛОВСКИ

Иако зборот толку натежна и посака да се слее на белата хартија, иако крикот сакаше да излета од душата, текстов, во знак на почит кон починатите и повредените во Кочани, го објавувам по истекот на официјалните денови на жалост. Велам, официјалните, бидејќи жалоста ќе остане во нас во сите денови што ни претстојат. Жалоста и огорченоста, како чувства што не може и не треба да се сокријат.

Жалоста и огорченоста, но, пред се’, непомирливоста со состојбата во која живееме и, барањето одговорност за слученото, веќе од денес мора да го водат општеството напред. Мора да биде наша општонародна заложба, вистинските виновници, не само за овој, туку и за сите случаи досега, како Ласкарци, модуларната болница, автобусот на магистралата Струма во Бугарија… да бидат изведени пред лицето на правдата.

За жал, веќе тука, на првиот испит, како општество и како поединци, не можеме да го положиме тестот. Имено, гледајќи секој од свој партиски, етнички, професионален, генерациски, приватен… агол, секој од нас обвинува некого, го обвинува оној кој е на другата страна, оној кому од себе познати причини сака да му наштети, оној кој е поинаков од него, кој припаѓа на другото “јато“… и, речиси сите го обвинуваат другиот дека основа на ова што ни се случува е корупцијата и, она неговото балканско завршување работа, за што и да е, со познатите “врски“.

Токму заради тоа ќе потсетам на зборовите на Исус – “оној кој не сторил грев, нека го фрли првиот камен“. Па, затоа, пред да обвиниме кого и да е за “завршување работа со врски“ да се сетиме дека секој од нас барем еднаш во животот побарал нешто да му биде “завршено надвор од процедура“, од докторски преглед преку ред, преку замижување на полицаец за неработење на мигавецот на автомобилот, до поправање оценка на детето… И, ќе речете дека тоа се ситници во споредба со “врските“ во кочанскиот случај и, ќе бидете во право, но, за жал, токму нашите “ситници со врски“ се ситните залчиња со кои сите ние го храневме коруптивниот систем, го храневме аждерот кој ги проголта нашите деца.

Толку за нашата колективна одговорност.

МРШОЈАДЦИ САКААТ ДА ЈА “ИСКОРИСТАТ“ НЕСРЕЌАТА

На снимки кои кружат по социјалните мрежи, јасно се слуша ( и гледа) разговор на млади луѓе од Македонија со српска “инструкторка“ ( знаеме како помина Македонија кога како инструктор од Србија пристигна Светозар Вукмановиќ Темпо). “Инструкторката“, очигледно добро обучувана и добро платена од либералните марксистички организации како НЕД, УСАИД, Канвас… со веќе четиримесечно искуство во блокадата на Србија и обидот за уривање легална и легитимна власт, ги подучува македонските гревчиња како да започнат “студентски“ протести без да предизвикаат сомнеж и, како потоа да ги надградуваат протестите се’ до уривање на легална, легитимна и, пред се’, Влада која покажува дека е подготвена да се справи со најголемото зло – корупцијата. Како да ја блокираат државата и нејзините институции, како собирите за оддавање на почит да прераснат во раскалашени забави, како да почнат да се гонат и напаѓаат луѓе по улиците, нешто веќе видено во практиката на “инструкторката“ во нејзината држава. Со еден збор, како несреќата и оправданиот револт на граѓаните, брутално и несовесно да ги насочат кон сопствено окористување во вид на политичка полза.

И, да не се разбереме погрешно, сосема ја разбирам желбата за оддавање почит на жртвите, загриженоста за транспарентност во откривањето на сите виновници без разлика на нивната каква и да е припадност, инсистирањето на нивна одговорност наспроти досегашната неказнивост и, “дишењето во врат“ на сите одговорни институции работата да ја истераат до крај. И, искрено верувам дека сите сме согласни околу тоа.

Но, младите гревчиња од снимката, парафразирано, прашуваат “како да ја искористат несреќата во своја полза“. Верувам, ниту еден нормален ум не може да разбере како некој сака да искористи смрт на шеесеттина млади, борба за живот на уште стотина повредени, за свои, очигледно, политички цели.

МОНСТРУМИТЕ ШЕТААТ ОКОЛУ НАС

За жал, монструмите шетаат околу нас, монструмите немаат рогови за да ги препознаеме, монструмите од марксистичките либерални “елити“ кои после поразот од Трамп во САД, сите свои сили и финансии ги насочија кон европските држави во кои не владеат западните марксисти, токму преку “зовриената крв“ на младите сакаат да се инсталираат во тие држави. За нив, за западните марксисти (либерали), градењето на сопствен успех врз туѓа несреќа претставува секојдневие, претставува марксистички метод на работа, практикуван и од источниот комунизам од минатиот век.

Во документот кој се наоѓа во Архивот на военоисторискиот институт во Белград, во фајлот на Штабот на врховната команда (ЈВУО), со ознака К-12. 30/12, е дел од говорот на еден од идеолозите на тогашната КПЈ, а чии наследници се левичарските партии во државава преку “либералната“ агенда.  Извадок од говорот на Моша Пијаде на Првото заседание на АВНОЈ, ноември 1942 година во Бихаќ:

“…Селанец кој поседува куќа, земја и стока, работник кој прима плата и има леб, воопшто не вредат за нас. Ние мораме нив да ги направиме бездомници, пролетери. САМО НЕСРЕЌНИЦИТЕ СТАНУВААТ КОМУНИСТИ, ЗАТОА НИЕ МОРАМЕ ДА ИМ ЈА СОЗДАДЕМЕ НЕСРЕЌАТА, МАСАТА ДА ЈА ФРЛИМЕ ВО ОЧАЈ. НИЕ СМЕ СМРТНИ НЕПРИЈАТЕЛИ НА СЕКОЈА БЛАГОСОСТОЈБА, РЕД И МИР…“

Ете тоа е, најкусо, упатството за работа на либералните платеници – де се искористи секоја несреќа или, да се предизвика доколку ја нема, за да се фрли масата во очај, да се искористи како смртен непријател на благосостојбата, редот и мирот, за да стане “стадо“ кое тие ќе го водат. Тоа е одговор на прашањето на гревчињата од снимката што кружи во јавноста – “како да се искористи несреќата во нивна полза“. Како, на несреќата и тагата на еден цел народ, тие да добијат политички поени.

Токму затоа, огромниот дел на нормални луѓе во државава има обврска да му се спротивстави на либералното марксистичко лудило на едно скапо платено малцинство “проектирано од надвор“ (што би рекол злосторникот Заев), да ја користи несреќата и несреќниците против редот и мирот, проектирано да создаде постхристијанско општество со искривоколчени вредности насочени против младите, семејството, традицијата…

Со еден збор, секој со своите постапки и во рамките на своите можности и надлежности, да придонесеме во ресетирање на системот во државава, како дел од големиот ресет на светско ниво, започнат со борбата против корупцијата на највисоко ниво во најмоќната држава, САД. Со целосна посветеност да влеземе во борба против инсталираниот коруптивен либерален униполарен светски поредок, кој е на заминување и, да помогнеме во неговата демонтажа.

Во име на жртвите на овој корумпиран систем и во име на една поубава иднина за генерациите што доаѓаат.

(авторот е Претседател на МААК)