Илјадници луѓе се собраа во неделата во Париз за да ја поддржат француската крајно десничарска лидерка Марин Ле Пен, која најави дека мирно ќе се бори против петгодишната забрана да се кандидира за политички функции и ќе црпи инспирација од американскиот активист за граѓански права Мартин Лутер Кинг.

Судот во Париз минатата седмица ги осуди Ле Пен и дваесетина членови на партијата Национален собир (RN) за проневера на фондови на ЕУ односно пренасочување на средствата за асистентите на европратеникот кон партијата, и изрече казна со која ќе ѝ забрани да се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година, освен ако не успее да ја поништи пресудата во рок од 18 месеци.

„Нашата борба ќе биде мирна и демократска борба. Го земаме за пример (американски баптистички свештеник, политичар и активист за правата на црнците) Мартин Лутер Кинг кој ги бранеше граѓанските права затоа што денеска станува збор за граѓанските права на Французите“, рече таа преку видео-конференција одржана со членовите на италијанската партија Лига, суверенистичка десничарска партија на Матео Салвини во Фиренца.

Поддржувачите на Марин Ле Пен вееја француски знамиња и извикуваа „ние ќе победиме“ додека се собраа во центарот на Париз во неделата попладне на мирен протест. Ле Пен ја осуди „политичката одлука“ пред нејзините поддржувачи.

„Тоа не е правна одлука, тоа е политичка одлука која не само што го прекрши владеењето на правото, туку и државата на демократијата“, рече таа.

Пензионерката Мари-Клод Бонефонт (79) рече дека е против „оваа пародија одлука против Ле Пен“.

„Непристрасноста на судиите навистина треба да биде доведена во прашање“, изјави за Reuters друг демонстрант, студентот по политички науки Тифен Квер.

Немаше директни полициски проценки за бројот на учесници на собирот, но организаторите соопштија дека се собрале околу 15.000 луѓе.

Ле Пен и натаму води во анкетите

Судската пресуда беше голем удар за 56-годишнат Ле Пен. Лидерката на Национален собир е една од најистакнатите фигури на европската крајно десница и фаворит во анкетите за изборите во Франција во 2027 година.

Ле Пен ја обжали одлуката на судот и во неделата вети дека ќе ги искористи сите алатки и правни средства за да се кандидира во 2027 година. Судот објави дека ќе донесе одлука за жалбата во летото 2026 година.

Анкетата на иснтитутот за социолошки истражувања Elabe во саботата покажа дека Ле Пен останува фаворит за победа во првиот круг од претседателските избори со поддршка меѓу 32 и 36 отсто, пред поранешниот премиер Едуар Филип, кој има меѓу 20,5 и 24 отсто.

Но, нападите на Ле Пен и нејзините сојузници врз „тиранијата на судиите“ не наидоа на поддршка дури и кај некои нејзини поддржувачи, особено откако главниот судија во нејзиниот случај беше ставен под полициска заштита по смртни закани.

А повеќето Французи не гледаат никаков проблем во одлуката на судот. Околу 65 отсто од испитаниците рекле дека „не се шокирани“ од пресудата, а 54 отсто рекле дека Ле Пен била третирана како и секој друг обвинет, според анкетата на Odoxe.

Во друг дел од градот, на Плоштадот на Републиката, приврзаниците на левичарските партии се собраа во знак на протест против „нападот“ на Ле Пен „врз француската држава“.

Политичарите од естаблишментот од центарот, вклучително и двајцата поранешни премиери, Габриел Атал и Филипо, исто така се собраа во неделата за уште еднаш да го демонстрираат обединетиот фронт против RN. Таквите сојузи познати како „Републикански фронт“ се секогаш насочени на предавање на гласовите на сите партии кон еден кандидат за да се оневозможи победа на канидатот на крајната десница.

„Да ја одржиме оваа посветеност на моралот на политичкиот живот и на нашите институции во време кога тие се оспорени од екстремната десница, која денес се собира да ги нападне нашите судии, да ги нападне нашите институции“, рече Атал.