Почитувана Претседателке на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова,
Обраќањето што Ви го упатуваме доаѓа од страна на здружението „Родителски фронт“ – граѓанска иницијатива составена од родители, граѓани од различни професии и општествени слоеви: адвокати, правници, лекари, наставници, професори, инженери, работници. Иако различни во нашите професионални идентитети, сите ние сме обединети околу најважната и најодговорна улога што ја имаме – улогата на родители.
Здружението е основано во 2023 година и од самиот почеток функционира исклучиво со сопствени средства, знаење и труд, без надворешни влијанија или финансии. Нашата примарна мисија е да ги заштитиме правата и добросостојбата на децата, како и да ги зачуваме и унапредиме родителските права кои се суштински за здравиот развој на секое дете и на општеството во целина.
Поводот за нашето обраќање е суштински значаен. Во периодот што следи, на Ваш потпис ќе се најдат измените на два клучни закона – Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование. Со Вашиот потпис, Вие не само што ќе дадете легитимитет на овие законски измени, туку ќе ја потврдите и својата посветеност кон демократските принципи, уставноста и почитувањето на волјата на граѓаните – посебно на родителите, кои според Уставот се единствено одговорни за воспитувањето и образованието на своите деца. Сепак ќе се согласите дека децата се на родителите, а не на државата.
Причината поради која се залагаме за овие измени е загриженоста предизвикана од агресивната промоција на родовата идеологија од страна на одредени и исти невладини организации и луѓе кои се вмрежени во повеќе мрежи. Ако направите безбедносна процена на ниво на поединци, јасно ќе видите дека тоа се едни и исти луѓе насекаде во тие организации, и на еден или друг начин се капитално поврзани со фондовите на Отворено општество и кумулативно примале не помалку од 4 милиони евра секоја година досега, за менување на нашето општество по зацртаните урнеци од финансиерите. Во Македонија веќе ги има првите деца и семејства – жртви на родовата идеологија кои се уценети да финансираат промена на пол и земање на хормонска терапија за кастрација и понатаму хируршки операции.
А деновиве токму тие истите, преку институционални механизми, се обидуваат да воведат содржини во образовниот систем кои, според нас и според многу експерти, не соодветствуваат на детската возраст, културниот контекст и уставните вредности на нашето општество. Преку иницијативи за рана сексуализација на децата, како и за легализација на поими како „родов идентитет“ и „род“, кои не се ниту уставно признаени, ниту правно дефинирани, се создаваат длабоки поделби и несигурности во воспитно-образовниот систем.
Во овој контекст, Вашата одлука е повеќе од формалност. Таа е акт на заштита на Уставот, на правната држава, и најважно, на децата и нивните семејства. Истовремено, сме сведоци на притисоци од страна на одредени организации, како ХЕРА и сродните на неа, кои отворено бараат да не се потпишат измените на законите. Го поставуваме логичниот прашалник – ако ние, како родители, се бориме за заштита на нашите деца, за што се борат тие? Кој е нивниот објект на заштита, ако не идеолошките агенди кои сакаат да ги наметнат преку образованието?
Премиерот Христијан Мицкоски јасно образложи дека како Влада ја отфрлаат родовата политика и ќе применуваат полова политика со јасен акцент на семејни вредности. Ја цитираме изјавата на Мицковски: „Во животот стекнуваме вредности и тие вредности понатаму ние ги пренесуваме на тие коишто нас нѐ наследуваат, а една од тие важни вредности е и семејството. Денеска современиот патриотизам е и љубовта кон Македонија и сето она коешто е поврзано со Македонија е и иднината на Македонија како држава, но и иднината на еден од најмалку бројните народи во Европа, а тоа е македонскиот народ заедно со останатите граѓани кои што живеат денеска во Македонија, зависи токму од таа вредност, од тој столб наречен семејство.
Тоа е многу важно, затоа што ако имаме многудетно семејство и доколку како млади почнеме да формираме семејство, тогаш нема подобар начин да го изразиме нашиот патриотизам и љубовта кон сопствениот народ и сопствената држава“.
Почитувана Претседателке, како професор по Уставно право, Вие најдобро знаете што значи уставноста и колку е важна улогата на државата во заштита на правата на децата и семејството. Како родител, сигурни сме дека длабоко ја разбирате емоцијата, одговорноста и посветеноста која секој родител ја има кон своето дете.
Затоа, во името на илјадници родители, членови и поддржувачи на Родителски фронт, Ве повикуваме со Вашиот потпис да застанете зад овие законски измени. Со тоа ќе го заштитите највисокиот интерес – интересот на детето, но и ќе ја потврдите волјата на мнозинството граѓани во Република Македонија.
Почитувањето на родителите, почитувањето на уставниот поредок и заштитата на идните генерации – се во Ваши раце.
Со искрено почитување,
Родителски фронт