Во малата сала на Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово денеска се одржа четвртата јавна расправа за рестартирање и ревитализација на Музичката продукција на Македонската радио-телевизија.
На собирот присуствуваа советничката за култура на премиерот Зоран Заев, Цветанка Ласкова, како и автори и стручњаци од оваа област кои се предлагачи на моделот за рестартирање на Музичката продукција на МРТ меѓу кои се проф. Живоин Глишиќ, Славе Димитров, Кире Костов, Љупчо Мирковски.
– Целта е да се возобноват студијата, но и оркестрите и посебните редакции за секоја област во МРТВ за секој месец да имаме продукција од народната, забавната, детската и другите видови музика. За таа цел мора да има и стручни лица што ќе ги обираат ваквите квалитетни композиции што потоа ќе се снимаат и изведуваат. Изминатиот период имаше приватни студија каде секој што ќе платеше можеше да снима што и како сака. Ние сакаме акцентот да го ставиме на квалитетот и тоа да биде еден вид водилка и за другите, рече Ласкова.
Според модераторот на трибината и посебниот советник во министерството за култура, Петрит Сарачани музичката продукција на МРТВ овозможила тука да бидат снимани првите песни на јазиците на сите националности во Македонија што тие ги чувствуваат како дел од нивниот културен идентитет, но, оти во последните десеттина години тоа замрело.
– Наместо преку музичката продукција на МРТВ во изминатиот период ова се реализираше со Законот за подршка на музичката продукција и иако низ повеќе конкурси што се рализираа во МРТВ беа потрошени околу еден милион евра наместо поголема продукција и квалитет на песни тоа беше користено како инструмент за послушност и корупција на уметниците, а таквите песни или музички спотови не добија широка популарност. Со враќање на музичката продукција на МРТВ ќе се врати модел што функционираше и што остави трајни вредност,и рече Сарачини.
На средбата во Тетово учествуваа професори од Музичката академија, кореографи и истакнати музичари и автори од повеќе ансамбли и културно-уметнички друштва и фестивали од Тетово и тетовско, претставници на приватните електронски медиуми и други заинтересирани.