Во РС Македонија постои јасна традиција: Кога ќе се случи голема трагедија, министрите поднесуваат оставка – како морален чин, како израз на совест и почит кон граѓаните, се истакнува во денешното соопштение од опозцициската ДУИ.

Токму од ДУИ која беше на власт две децении, кога се случија повеќе големи трагедии, меѓу кои пожарот во тетовската модуларна болница и две големи автобуски несреќи со десетици жртви. Тогаш на ниеден министер влакно на главата и функцијата не му фалеше, но денес ДУИ држи морални придики како опозиција. Во продолжение целото соопштение:

Во 1993 година, кога падна авион кај Скопје и Охрид со стотици жртви, министерот Пешев поднесе оставка.

Кога потона брод со бугарски туристи, министерот Јанакиески направи исто иако не беше прифатена.

По трагедијата со Модуларната болница во Тетово, министерот и заменик-министерот за здравство Илир Хасани поднесоа оставки – иако неприфатени, тие покажаа морална одговорност.

Дури и кога правдата потклекна под политички притисок во случајот со малиот Алмир, министерот за правда Билен Салиу поднесе оставка – како искрен чин пред неправдата.

Но денес, по трагедијата во која загинаа над 60 млади луѓе – чие спречување беше директна надлежност на Министерството за внатрешни работи – ниту министерот, ниту директорот на Бирото за јавна безбедност не поднесоа оставка. Напротив, со ароганција го покриваат сопствениот неуспех.

Истата личност што требаше да превенира, денес ја води “истрагата”, обвинува други и преку политички притисоци врз обвинителството се обидува да склучи зделки за сопствено спасување.

Ова не е само морален пад на еден функционер – ова е вистинското лице на една власт што не знае што значи одговорност.

Ова е систем што прво ги жртвува граѓаните, а потоа ја жртвува вистината.

Одговорноста не е декларативна – таа се покажува со дела.

Граѓаните бараат правда, политичка, институционална и морална одговорност.

Демократска унија за интеграција