Сведоштво на Методија Андонов-Ченто, првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ за тоа што се случувало пред, за време и после одржувањето на Третото заседание на АСНОМ одржано од 14-16 април 1945 г. во Скопје:
„Во текот на март 1945 година дојде преопрака од Белград да се формира Народна влада, пандан на Националниот Комитет на Југославија, која ќе ја превземи исполнителната власт од Президиумот на АСНОМ, а АСНОМ да остани како законодавно тело. Кога разговаравме кој ќе биди претседател, беше одговорено дека за тоа не требало да се размислува, бидејќи било нормално претседател да биди секретарот на Це-ка, односно како што е
Тито претседател на централната влада, така и Колишевски требало да биди претседател на македонската федерална влада.
Заседанието на АСНОМ го одржавме на 15 април 1945 година. Јас поденесов реферат за активностите на Президиумот, избран на заседанието одржано на крајот на декември, а Колишевски поднесе реферат за политичкото положение. Колишевски и во рефератот и во дискусијата по мојот реферат остро ја нападна работата на Президиумот, иако тој беше прв потпретседател на тој президиум. Во многу напади чувствував директен напад на моите ставови. Го напаѓаше Президиумот дека толерирал појави на сепаратизам, што бил изразен по прашањето на тутунот, кој некои, а мислеше на мене, сметаат дека требало да биди македонски, а не југословенски…
Говореше дека Президиумот имал големи слабости во економски поглед, заборавајќи дека на негов предлог формиравме Стопански совет на чело со Страхил Гигов, кој требаше да води сметка за стопанството и водеше толку колку што тој и Гигов знаеја за економија и стопанство. Ме нападна дека сум ги штител шпекулантите и богаташите и дека сум интервенирал за намалување на еднократниот данок, испуштајќи дека се залагав за поправедна распределба, прво меѓу поедини градови, а потоа и во градовите според состојбата на секој оданочен поединец…
Колишевски го нападна и Мане Чучков, кој во својата дискусија рече дека за време на војната Македонците се бореа да спечалат слобода, додека Србите, Хрватите и Словенците се бореа да си ја повратат слободата. Според Колишевски до 1941 година и Србите и Хрватите и Словенците не биле слободни, туку и тие биле поробени, но не кажа од кого биле поробени…
Бидејќи се согласив дека (сум) еден од оние што интервенирале за равноправно распишување на еднократниот данок, за поголема толеранција при неговото собирање, бидејќи мнозина немаа готовина туку парите ги имаа затворено во стоки, дека интервенирав за оценување на злоделата од народните судови, а не да се донесуваат пресуди без судење, дека сметав казните за воените злочинци да не бидат одмазнички, туку примерни, побарав да не бидам избран во Президиумот на Народното собрание, како што беше АСНОМ прекрстен. Тоа мое барање беше оценето како согласување со реакцијата и народните непријатели, па на инсистирањето на Димитар Влахов, Мане Чучков и Панко Брашнаров се согласив да
останам во Президиумот до одржувањето на изборите, кога не мислев да се кандидирам.
Контактите со Колишевски станаа строго службени. Така после заседанието, кога повторно бев избран за претседател на Президиумот на Народното собрание, а тој за претседател на владата, веднаш ми испрати писмо дека треба Президиумот да ги ослободи просториите на првиот кат за владата. Президиумот се согласи да се преселиме на долниот кат, десно од главниот влез. Подоцна дури нареди членовите на Президиумот да не влегуваат на главната врата, на која ќе влегувале само официјалните лица, а кои се официјални лица ќе определувал дежурниот курир на вратата.“
Илија Андонов-Ченто „Мојот татко Методија Андонов-Ченто“, Скопје, 1999, стр. 286-287.