Премиерот Христијан Мицкоски одговорајќи на прашање од пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, дали Владата уште стои на мислење за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, на пратениците од опозицијата им порача дека посочениот функционер е избран како нивен предлог. Трајчулески во прашањето истакна и дека Министерството за правда поведе постапка за разрешување на јавниот обвинител Коцевски, а после трагедијата во Кочани, Владата одлучи да му даде втора шанса.

– Истрагата за Кочани ја води избран обвинител, предлог на Владата каде најголем чинител беше СДСМ и останатите коалициски партнери, како ДУИ. Што значи дека ние живееме во врвот на демократијата. Ретко видено на Балканот, опозицијата си има свој обвинител. Тој обвинител денес ја води истрагата и се надевам дека ќе го охрабрите, уште еднаш да се врати на назад на трите случаи за кои зборувам. Нема да биде дефокус за мене, 75 човечки животи тоа се трајно загубени животи и болка која семејствата ја носат. Тоа е за да повторува и да не се заборави. Мора да има виновници, сега нема виновници. А во овој случај во истрагата обезбедил 68 лица, рече Мицкоски.

Како што нагласи тој на седницата, нема да се заборават случаите како Модуларната болница, Беса Транс и Ласкарци и оти „нема да помогне ниту шверцерски поминатиот Кривичен законик со европско знаме“.

Пратеникот Трајчулески рече дека не е задоволен од одговорот на Мицкоски затоа што клучното прашање не е кој го избрал јавниот обвинител, туку дали Владата стои на ставот, кој го достави до Советот за јавни обвинители врз основа на мислење на Министерството за правда, за разрешување.

– Бараме одговори кои се мотивите за промената на таквиот став и се надевам дека министерот за правда еднаш ќе нè удостои нас како пратеници да поставиме прашање, затоа што е прашањето дали тој стои на тој став, рече Трајчулески.

Тој рече дека се интересираат до каде е предлогот на владејачката партија ЗНАМ за избор на обвинител со двотретинско мнозинство со мандат од шест години и дали тоа ќе влезе во закон, а не е прашањето чиј е Коцевски.

фото: принтскрин Собраниски канал МРТВ, МИА,