Ја разбираме потребата од изнаоѓање решение за одблокирање на нашата европерспектива, но не сме подготвени како Влада за компромис без никаква форма на институционална гаранција и предвидливост на патот напред, ниту за дополнителни отстапки за идентитетски и историски прашања, порача вечерва министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

-Имаме комуникација, се среќаваме, имаме и комуникација која е потпомогната и од одредени земји членки и од институциите во Брисел. Ние го разбираме товарот односно потребата од изнаоѓање решение. Но решение кое што за неколку месеци повторно ќе не стави во истата ситуација, кое ќе значи дополнителни отстапки по однос на национални, идентитетски и историски прашања не сме подготвени да правиме, пред се, бидејќи премногу такви отстапки се направени во изминатите 30 години, а времето покажа дека по секоја таква отстапка ни се поставува нов предизвик повторно од истата природа. И работиме на убедување и на Софија и на институциите во Брисел и активно убедување на сите земји членки дека оваа билатерализација создава ризик за нас како држава, создава ризик за цел регион, бидејќи таа пракса гледаме почна да се повторува и по други примери и има најави дека ќе се повторува и по однос на евроинтеграцискиот пат и на некои други земји од регионот, а најмногу штети на кредибилитетот на ЕУ. Ние и требаме на ЕУ и ЕУ ни треба нам и заеднички треба отворено да зборуваме за овие теми, рече Муцунски повторувајќи го ставот на Владата во тек на гостување на ТВ Сител .

Посочи дека никогаш не ветиле оти овој пат ќе биде лесен, но ветиле дека пристапот ќе биде искрен и ќе ги стави на преден план македонските национални интереси.

– И не сме подготвени како Влада за компромис без никаква форма на институционална гаранција и предвидливост на патот напред и добра волја не само од наша стран, која сме подготвени да ја дадеме, но добра волја и од нашите соседи по однос на сите овие прашања за кои тие поставуваат грижи, вели Муцунски.

Во однос на барањето на новата германска Влада за реформи во ЕУ, шефот на дипломатијата вели дека на ова гледа како на реотварање на некои идеи кои постоеле и во последните години а се однесува на т.н фазна или постепена интеграција, но оценува дека тоа е мудар пристап кој државите ги подготвува за полесна интеграција и истовремено им дава пристап до процесот на одлучување во ЕУ, но без можност за гласање, како што е усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносната политика.

– Тоа се тие најави кои доаѓаат од новата владина коалиција во Берлин која е коалиција која ќе биде за проширувањето, има детално разбирање за состојбите во Западен Балкан, која разбира дека процесот на проширување за целиот регионот не е само економско, трговско прашањето, туку има и сериозни безбедносни импликации. Ги гледаме сите ризици кои ги има во БиХ, ги гледаме специфичните околности во Косово и во Србија. Ние како земја членка на НАТО сме подготвени да бидеме придонесувач кон регионаната безбедност, но покрај тоа најголем придонесувач кон регионалната безбедност може да биде и предвидлив пат напред кон ЕУ. И затоа овие најави треба да ги гледаме афирмативно и позитивно, Германија е и една од тие земји членки која го поддржува моделот на квалификувано гласање кога е во прашање проширувањето. Треба да бидеме активен чинител, да бидеме постојано присутни на сите овие форуми и настани каде се дискутира, вели Муцунски.

Прашан во однос на борбата против корупцијата и конкретно случајот со актуелната претседателка на ДКСК Татјана  Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“, тој нагласи дека е охрабран што се покажува дека институциите немаат никаква селективност во постапувањето. Лично вели информацијата дека таа е осомничена во една таква постапка ја доживеал со големо разочарување и со голема грижа, но го поздравува тоа што вели, конечно почна да се отвора и прашањето за етиката и моралот кај носителите на јавни и државни функции.

-Едно прашање е кривично – правните настани и велам –  да, разочарување е тоа што го слушаме, но истоврмено не охрабрува тоа што гледаме дека институциите немаат ни најмала селективност за кого било и за овој и за други случаи за поранешни но и огромен број актуелни високи  функционери. Но го отворивме и прашањето за етиката и моралот, што е над законите, за едни стандарди кои треба ние да ги применуваме кон нас како државни, јавни функционери и да бидеме пример за нашите граѓани. И кога е некој предмет на таква предистражна или истражна пстапка, очигледно потребно е тој да размисли во тој момент веднаш да даде оставка,  бидејќи еднакво значајно во борбата против корупцијата колку што е ефективноста на извршните и на правосудните органи, е и таа перцепција која граѓаните ќе ја имаат дека никој не може да влијае врз постапките, вели шефот на дипломатијата.

Кога некој е опфатен со ваква постапка, почитувајќи ја и презумпцијата на невиност, дополни Муцунски, логично е да дадете оставка од морални причини, но тоа не треба да влијае врз кредибилтетот и на сите други членови на таа Комисија бидејќи некоректно е да се гради колективна перцепција за сите нив заради потенцијално сторено кривично дело на еден од нив.

Фото: Архива