Светската трговија се насочува кон Европа затоа што другите земји сакаат договори со ЕУ, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Претседателот на ЕК на митингот на Европската народна партија во Валенсија истакна дека Европската унија „веќе има најголема мрежа на договори за слободна трговија, 76 од нив“ со земји од целиот свет.

„Сега светската трговија се свртува кон нас“, смета фон дер Лајен, во време кога светот е загрозен од воведувањето на американските царини што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на април.

„Сега соработуваме со Индија и Индонезија, Обединетите Арапски Емирати и Тајланд, Филипините и Малезија, со Пацификот. Сите тие сакаат договор со нас. Бидејќи ние сме фер, сигурни и играме според правилата“, нагласи таа. „Затоа, да останеме на тој пат, со ладна глава и обединети“, рече таа.

Фон дер Лајен изјави дека ЕУ мора паралелно да работи на зајакнување на својот единствен пазар преку елиминирање на непотребните национални бариери, борба против фрагментацијата и бирократијата.