Новинарите на „Гласот на Америка“ (ВОА) може да почнат да се враќаат во своите канцеларии следната недела, според е-пошта испратена до вработените од Министерството за правда, објавува американскиот портал Политико.
„Гласот на Америка“ ќе продолжи со работа по речиси двомесечна пауза, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го суспендираше медиумот со извршна наредба на 14 март, која беше насочена кон повеќе федерални агенции и канцеларии, вклучувајќи ја и Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), матичната организација на „Гласот на Америка“ финансирана од државата.
Обидот за укинување на овој државен медиум наиде на законски пречки. Федералниот судија Ројс Ламберт издаде привремена забрана на 22 април, наредувајќи ѝ на администрацијата да го врати „Гласот на Америка“, тврдејќи дека одлуката за негово затворање веројатно била неуставна.
Помошничката обвинителка на САД, Бренда Гонзалез Хоровиц, во е-пошта до адвокатите што ги претставуваат вработените во „Гласот на Америка“ потврди дека персоналот се враќа на работа.
Во истата е-пошта се потврдува и дека сите вработени повторно добиле пристап до системите. УСАГМ моментално очекува персоналот постепено да почне да се враќа во канцелариите следната недела, со оглед на безбедносните проблеми, достапноста на просторот и опремата“, напиша Гонзалез Хоровиц во е-пошта до која дојде „Политико“.
„Гласот на Америка“ постои повеќе од 80 години и има мисија да известува „точно, објективно и сеопфатно“ и „јасно и ефикасно да ги претставува политиките на Соединетите Американски Држави“, според неговата повелба.