Претседателката на ЕП, Роберта Мецола упатила предупредување до Европската комисијата дека „заобиколувањето на Европскиот парламент“ при предлагањето на одлуката за воспоставување на иницијативата „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ), вредна 150 милијарди евра, би можело да резултира со покренување правна постапка против неа пред Судот на правдата на ЕУ.

Во допис до претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, во кој увид имал бриселскиот портал „Еурактив“, Мецола бара ЕК да ја преиспита својата одлука за повикување на членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ за усвојување на САФЕ.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според став 1 од членот 122, по предлог на Комисијата, Советот може да одлучи за усвојување на соодветни мерки ако се појават „сериозни тешкотии во снабдувањето со одредени производи, особено во областа на енергетиката“.

Во вториот став на истиот член се наведува дека „кога земја членка е во тешкотии или е сериозно загрозена од сериозни тешкотии предизвикани од природни катастрофи или вонредни настани надвор од нејзина контрола, Советот, по предлог на Комисијата, може да додели, под одредени услови, финансиска помош од Унијата на засегнатата земја членка. Претседателот на Советот го информира Европскиот парламент за донесената одлука“.

Европската комисија во март, повикувајќи се на членот 122, ја промовираше иницијативата САФЕ по итна постапка, со која се обезбедуваат 150 милијарди евра позајмици за земјите членки за заеднички набавки на одбранбена опрема произведена во ЕУ.

Но, минатиот месец, Комитетот за правни работи на Европарламентот усвои правно мислење со кое се оценува дека правната основа на која се повикува ЕК е „процедурално несоодветна, бидејќи предлогот не го исполнува критериумот за вонредни овластувања“.

Врз основа на ова правно мислење во своето писмо, кое покрај до Фон дер Лајен, било упатено и до претседателот на Европскиот совет, Мецола предупредила дека „заобиколувањето на стандардниот процес ризикува поткопување на демократскиот легитимитет со ослабување на законодавните и контролните функции на Парламентот“.

– Доколку Советот ја усвои оваа Регулатива користејќи го членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ како правна основа, Парламентот ќе ја преиспита законитоста согласно член 155 од својот Деловник, предупредила Мецола.

„Преиспитувањето на законитоста“ според овој член претставува прв чекор кон можно покренување постапка пред Европскиот суд на правдата.

Мецола би можела да го иницира прашањето пред Европскиот суд на правдата, покренувајќи постапка во име на Парламентот во согласност со препораката од Комитетот за правни работи. На овој начин, според „Еурактив“, на Судот ќе му биде препуштено да решава за „институционалната борба за моќ“ и да утврди дали избраната правна основа од страна на Еврокомисијата е законска. 

Фото: МИА Архива