Ако кажете Верица Томовска, како што e  заведена во матичната книга на родени и и пишува во крштеницата, за која личност се работи ќе знаат само нејзините најблиски. Во гимназиските денови открива дека може да биде пејачка, па со бендот во кој ќе членуваат две идни брачни двојки, вклучувајќи ја подоцна и неа самата и нејзиниот покоен сопруг, како  и еден денес познат ТВ водител, групата „Психо“ ќе биде забележана на еден од некогашните „Рок фест“ музички натпревари во тогашниот „Дом на млади 25 Мај“, денешен МКЦ.

Покрај првите направени снимки, харизматичната пејачка ќе добие покана од одредени уредници во МРТВ да се опроба и во водителските води, па така од пејачка ќе стане и ТВ водителка која долги години ќе ја води „Видео метроном“, тогаш една од првите музички ТВ емисии кои ќе ја третираат македонската и југословенската поп-рок сцена.

Во почетокот на 90-ите заедно со сега починатиот сопруг во Т.Ц. Капиштец ќе го отворат култното рок кафуле „ЗЗ Топ“, кое со текот на времето ќе стане главно собиралиште на сите рокери, но и на младите прогресивни генерации.

Во меѓувреме челниците на најстариот македонски фестивал на забавни песни „Макфест“ уште од самите негови почетоци ќе ја ангажираат да биде водител на сцената на Домот на културата во Штип, каде таа со својот специфичен водителско-вокален пристап ќе прерасне во еден вид негов заштитен знак…

Речиси деценија и пол своевиден „трејд марк“ на „Макфест“.

На ТВ никогаш нема да се врати како нејзина животна определба, ама затоа радиоводителството нема да и биде непознато.

Како минува времето, сепак ДЈ-ството ќе и стане главна преокупација, а и животна определба и главна егзистенција… Или како што умее и самата да каже: „Забавата е таму каде што сум јас“, а таа со своите музички ДЈ сетови е насекаде низ Македонија, во сите најпознати локали, кафулиња, ноќни клубови, дискотеки, на приватните забави…

На своето име и брачно презиме ќе го додаде уметничкиот прекар „Џенерал“, како нејзин заштитен знак на препознатливост, но и синоним за квалитет и гаранција дека без неа нема добра журка, а со неа – најдобра!

Гордо пркосејќи им на времето и годините, полна со животна енергија, страст и љубов, со младешки дух и физички изглед на тинајџерка, одбива да старее во секој поглед и на секој план, па затоа неретко ја нарекуваат македонски женски Петар Пан!

Во ова издание на интер ток шоуто „Ништо лично“ лице в лице со Антонио Димитриевски, легендарната ДЈ Вера „Генерал“ Јанковиќ ја раскажува својата животна приказна, но и заедно и ги доловуваат оние години на публиката, во кои оние што малку подолго паметат, се сеќаваат на едни многу посреќни времиња, кои домаќинот и поткаст гостинката ќе се обидат да ги компарираат со овие – денешниве и сите нивни убавини и маани.

Ако се’ уште не сте го погледнале нејзиното гостување во поткастот кој оди премиерно секоја среда, во 20.00 часот директно на YouTube каналот на КурирМК (@Kurir.podcast) – направете го тоа во првата прилика, зашто каналот е отоворен за вашето внимение во секое време.