Според податоците за 2024 година од бугарскиот Институт за пазарна економија, сиромаштијата во Бугарија се зголемила на 21,7 отсто од населението. Главни фактори за сиромаштијата се невработеноста, ниското образование, поголемиот број деца во домаќинството, повозрасната возраст и етничката припадност, пренесува денеска Медиапул.
Околу 46 отсто од домаќинствата, или речиси три милиони луѓе, не можат да покријат неочекувани трошоци, како поправка на домот или автомобил, здравствени проблеми или замена на апарати. Над 41 процент не можат да си дозволат еднонеделен одмор, 39 отсто не можат да заменат стар мебел, а 19 отсто не можат да одржуваат нормална температура во домовите. Секој петти граѓанин над 16 години има проблем со купување облека и обувки или располага со минимални средства за лични потреби.
Во 2024 година, 16,6 отсто од населението во Бугарија живее во тешки материјални и социјални лишувања, што е за 1,4 отсто помалку од 2023 година. Кај децата, лишувањата се намалени, но остануваат значителни: 23 отсто немаат одмор надвор од дома, 21 отсто немаат опрема за игра, а 19 отсто не можат да учествуваат во активности како пливање или свирење. Секое десетто дете нема нова облека, соодветни обувки или можност за прослави. Околу 7 проценти немаат простор за учење, а 14 отсто немаат книги соодветни за нивната возраст.
Речиси 28,6 отсто од децата имаат барем едно лишување, а кај 2,2 отсто ниту една потреба не е задоволена поради финансиски причини. Образованието и вработеноста на родителите се клучни фактори – децата на родители со високо образование имаат десет пати помал ризик од сиромаштија.
Анализата укажува дека намалувањето на сиромаштијата во Бугарија бара подобрување на образованието и вработеноста, преку поголем опфат на образовниот систем, поврзување со пазарот на труд и целна социјална политика за најранливите.
(МИА)