Европската гаранција за деца како механизам на ЕУ за спречување на сиромаштијата и социјалната исклученост е особено релевантна за Македонија каде секое трето дете живее во сиромаштија. Ова е значително повисока стапка од општата стапка на сиромаштија кај вкупното население. Особено ранливи се Ромите, децата што живеат со еден родител и оние што живеат во семејства со три и повеќе деца. Податоците за сиромаштијата кај децата се алармантни и укажуваат на потребата од итни и ефективни мерки, рече денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.

Како што истакна Лимани во обраќањето на конференцијата „Гаранција за деца – инструмент за искоренување на сиромаштијата и исклученоста на децата“, и покрај достапноста на основни услуги во земјава како образование, здравствена и социјална заштита, децата што се соочуваат со сиромаштија и исклученост се соочуваат и со поголеми пречки зашто системите не се прилагодени на нивните потреби.

Осврнувајќи се на Националниот акциски план за правата на децата 2025 – 2029 што е во завршна фаза на усвојување, министерот потенцира дека еден од приоритетите е зголемување за 15 отсто на паричните додатоци наменети за децата.

-Земјава одбележува шест години од големата реформа на системот на социјална и детска заштита. Реформите беа втемелени во меѓународните стандарди за правата на децата, вклучувајќи ги Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Министерството континуирано инвестира во реформата за заштита на децата, вклучително и со зајакнување на системот за поддршка на децата со попреченост, зајакнување на системот на згрижување и настојувањето да се обезбеди поддршка на семејствата за да се избегне раздвојувањето на децата од родителите. Отворањето на центрите за поддршка на згрижувачите се покажа како добар чекор во таа насока, истакна Лимани.

Според него, се работи и на проширување на капацитетите за предучилишно обазование за повеќе деца да имаат можност да посетуваат градинка и на тој начин да обезбедат подобри шанси за успех во следните нивоа на образоваие.

-Врз основа на моделот на Европската гаранција за деца, Владата соработува со УНИЦЕФ за да ги идентификува најранливите групи деца и да ги процени постојните услуги и програми за справување со детската сиромаштија и социјална исклученост. За да ги надминеме предизвиците, Владата со поддршка на ЕУ и УНИЦЕФ изработи Национален акциски план за правата на децата 2025 – 2029 кој е во завршна фаза на усвојување. Еден од приоритетите на Планот е намалување на детската сиромаштија, вклучително и воведување на Европската детска гаранција, како и зголемување за 15 отсто на паричните додатоци наменети за децата, подвлече Лимани.

Владата, додаде, сорабтуваше со УНИЦЕФ и за да се идентификуваат бариерите со кои се соочуваат најранливите деца и нивните семејства за да пристапат до услугите во сферата на социјалната и детската заштита, здравството и образованието.

-Друга важна мерка предвидена со Националниот акциски план е формирање комисија за координирање на сите активности и политики која ќе го следи исполнувањето на обврските од Конвенцијата за правата на детето и ќе подготвува извештаи до меѓународните и регионалните механизми за човекови права. Комисијата се очекува да ја подобри меѓусекторската соработка која е неопходна за справување со комплексните потреби на децата и за развивање интегрирани услуги за нив како составен дел на гаранцијата за деца, рече министерот.

На конференцијата на која присуствуваат претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, претставници на ресорните министерства, членови на релевантните собраниски комисии, Народниот правобранител и други општествени чинители и претставници на граѓански и меѓународни организации, се очекува да бидат изнесени предлози како да се надминат бариерите со воведување на Гаранцијата за деца, а Министерството за социјална политика, демографија и млади, како што информира Лимани, ја презема обврската да ги координира институциите за развивање план за имплементација на Гаранцијата.

фото: МИА