Најмалку 30 лица се повредени, а причинета е и материјална штета во земјотресот со интензитет од 4,9 степени според Рихтерова скала што синоќа го погоди италијанскиот остров Сицилија, во областа на вулканот Етна.

Ниту еден од повредените не се наоѓа во животна опасност. Неколку куќи во провинцијата Катанија биле делумно оштетени, а автопатот што ги поврзува градовите Катанија и Месина е затворен поради оштетување на асфалтот.

Италијанските медиуми објавија дека населението било во паника и многумина излегле на улиците. Во потресот најмногу биле оштетени старите цркви.

Епицентарот на потресот се наоѓал 170 километри источно од градот Палермо, на длабочина од два километра под површина на земјата, соопшти Европско-Средоземноморскиот сеизмолошки центар.