Над 250 компании во Македонија годинава добија поддршка преку владиниот план за економски развој во износ од 35 милиони евра, колку што беа предвидени во Буџетот и ребалансот за годинава. Сите средства се искористени и заклучно со утре ќе бидат исплатени на компаниите.
Ова беше соопштено денеска на презентацијата на 65-те проекти од вториот инвестициски бран од третиот столб од Планот за економски раст, во вредност од над 800 милиони денари.
-Во рамки на третиот столб на планот за економски раст за 2018 година реализиран е вкупен обем на инвестициски проекти во економијата од повеќе од две милијарди денари. Радува фактот што водечки е ИТ секторот, меѓутоа во рамки на вториот бран има проекти од 16 различни индустрии меѓу кои енергеттиката, машинството, земјоделството и од сите делови на Македонија. Ова се проекти што ќе ангажираат 385 лица од кои 85 се нови вработувања и ќе се исплаќаат плати што се над просекот на државата. Ова се бројки што се доказ дека сме на вистинскиот пат и мотивација натаму да продолжиме, рече директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.
Според него бројките покажуваат дека навистина сме ја придвижиле македонската економија и дека компаниите се подготвени да вложат и свои средства во иновации и технолошки развој.
-Само во вториот бран вложуваат речиси иста сума колку што вложува и Владата. Колку што се вложуваат буџетски средства компаниите толкава сума вложуваат во проектот, рече Деспотовски.
Според него, овие компании треба да бидат поттик и за други да се охрабрат да инвестираат во наредниот период.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев најави дека овие три дена ќе бидат исплатени сите средста од првиот и вториот столб на финансиска поддршка на државата. Тоа, според него, е историски исчекор и е нешто што очекува да даде сериозен импакт следната година во економијата, а индустријата да биде една од водечките гранки во РМ и да придонесе 2019 година биде економски добра.
Анѓушев ги охрабри добитниците од вториот бран да бидат извозно ориентирани, посочувајќи дека само со зголемен извоз и со зголемена конкурентност може да постигнеме раст од 5-6 проценти.
-Ако сакаме сите раст од пет-шест проценти мора да го зголемиме извозот од 54 проценти на 65-70 проценти од БДП. Тоа може да се направи само со зголемен извоз, со зголемена конкуреност, а точно мерките што денеска ги промовираме можат да го направат, рече Анѓушев.
Премиерот Зоран Заев оцени дека Планот за економски раст во изминатата година не само што ја постигна, туку и ја надмина зацртаната цел, а доказ за тоа се денешните проекти и седумдесетте компании од претходниот бран.
– Планот за економски раст создава економија со здрави цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството и целата наша земја и затоа продолжуваме со засилено темпо. Неколку пати реков дека 2019 година ќе биде пресвртница на економски политики. Фискалната политика на Владата на РМ следната година ќе обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување кон НАТО и ЕУ. Создаваме буџет што во 2019 годоина ќе ја одржи макроекономската стабилност и фискалната консолидација. Парите на граѓаните кои преку даноци влегуваат во буџетот уште повеќе ќе се наменат за проекти за поддршка на граѓаните во сите категории. Остануваме на нашата определба за поддршката за домашните и странските инвестиции со повисок буџет од 37 проценти во однос на оваа година, потенцира премиерот.