Интегрирањето на Украина во ЕУ ќе биде клучен елемент на безбедносните гаранции кога ќе започнат мировните преговори, изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос при пристигнувањето на Советот за надворешни работи во Брисел.

– Пораката за Украина ќе биде: останете силни, продолжете да се борите, продолжете да се браните, продолжете да се борите против корупцијата и, секако, грижете се за владеењето на правото. Многу важно да ја испратиме оваа порака до Украина, рече Кос.

Таа информира дека минатата недела до Советот биле доставени извештаите од прегледите по кластерите 2 и 6 за Украина, но и за Молдавија, и изрази надеж дека ако се продолжи со ваквото темпо скринингот процес ќе заврши до на есен.

– Украина ја заврши својата домашна задача, па затоа е подготвена за отворање на Кластерот 1 – „Основни вредности“. И сега Советот ги има сите елементи за да донесе одлука, додаде Кос.

Во однос на забелешките на Будимпешта за правата на Унгарците во Украина, Кос истакна дека правата на малцинствата и нивната заштита се фундаментален и важен дел од преговорите за членство на Европската Унија и ако почнат преговорите по Кластерот 1, Унгарија ќе има можност да ги добие сите одговори или да ја надмине загриженоста што ја има во врска со нивното малцинство во земјата.

– Од друга страна, станува збор и за европската безбедност и треба да го искористиме овој моментум и да продолжиме со реформите во Украина и да и дадеме на Украина знак дека тоа што го испорачуваат е добро и треба да продолжиме со целиот процес на пристапување уште веднаш. Не станува збор само за безбедноста во Украина. Продолжувањето на процесот на пристапување за Украина ќе обезбеди и долгорочна безбедност на Европа, рече Кос.

Кога станува збор за пораките до Грузија, Кос истакна дека на владејачката партија Грузиски сон би и порачала Владата да се врати на европскиот пат, бидејќи ако не се направи тоа, нема да можеме да продолжи интеграцијата во ЕУ, а народот на Грузија да остане силен и да се бори за европските вредности. 

Фото: МИА Архива