Во Министерството за односи меѓу заедниците од  утврдениот Буџет за трошоци годинава потрошени се само 6,23% од вкупно одобрените средства за угостителски услуги. Расфрлањето со народните и државни пари е минато, раководството работи домаќински, вели министерот Иван Стоилковиќ. 

„Ако во минатото ова Министерство беше симбол за вулгарно трошење и играрии, сега очигледно е за одговорно работење. Нема повеќе расфрлање со народните пари на хедонизам, а фокусот веќе една година не е на трошоци за ќебапи и скапи ручеци, како и играње игри, па наместо да се трошат парите од граѓаните сега се работи за унапредување на сите заедници во земјава“, изјави Стоилковиќ.

За еден месец Министерството за односи меѓу заедниците потрошени се само 14.000 денари на ставка угостителски услуги.

Колку за илустрација, во минатото само околу 40.000 евра биле потрошени за нарачки на храна од две ќебапчилници во периодот кога со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците раководеше Артан Груби.
Во 2023 година, според податоците од Бирото за јавни набавки, Министерството спровело тендер за угостителски услуги, на кој биле избрани две компании, секоја по 1.180.000 денари (приближно 20.000 евра). Најголемиот дел од средствата – 944.000 денари – биле доделени на компанијата „Пчела Ш.Е.Љ.“, која управува со ќебапчилница и барбекју бар во Старата скопска чаршија.

„Пчела“ испорачала храна во вредност од 532.037 денари, додека втората избрана фирма, „Далма кетеринг“, не реализирала ниту една фактура од предвидените 220.000 денари. Министерството ги затворило тендерските обврски и ги пријавило како реализирани на 18 април 2023 година, само шест дена пред првиот круг од изборите. Тендерот бил склучен на 15 март истата година и требало да заврши најдоцна на истиот датум, но наместо тоа, зделката била официјализирана еден месец подоцна.
На 21 април 2024 година, на три дена пред избори, бил склучен нов договор на истата сума од 1.180.000 денари помеѓу Министерството и „Пчела“. Неколку месеци подоцна, на 14 јуни, биле исплатени две сметки до истата фирма, во износ од 41.660 денари и 16.852 денари, за вкупно 150 порции телешки ќебапи.