Австрискиот канцелар Кристијан Штокер денес објави дека Австрија понудила да биде домаќин на конференција за обнова на Украина.

„Како еден од најголемите странски инвеститори во Украина, Австрија и нејзините компании можат да дадат значаен придонес во обновата на земјата. Затоа понудивме да бидеме домаќини на претстојната конференција за обнова“, напиша Штокер на Фејсбук по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Виена.

Тој нагласи дека Австрија го поддржува украинскиот народ уште од првиот ден од конфликтот и се обидува да промовира воспоставување праведен мир.

„Од првиот ден од рускиот напад, Австрија застана рамо до рамо со Украина и нејзиниот народ. Сите сакаме крај на оваа војна. Народот на Украина го сака и го заслужува тоа најмногу од сè. Ги поддржуваме сите иницијативи што водат до прекин на огнот и одржлив, долгорочен и праведен мир“, рече австрискиот канцелар, објави Укринформ.

Зеленски денес беше во официјална посета на Австрија, каде што разговараше со претседателот на земјата Александар Ван дер Белен и канцеларот Кристијан Штокер.