Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска го предупреди Иран да не возвраќа на американските напади врз иранските нуклеарни постројки, велејќи дека таквата акција би била „најлошата грешка што некогаш е направена“.

Рубио, кој е и советник за национална безбедност на Белата куќа, за „Фокс њуз“ изјави дека Вашингтон е подготвен да разговара со Иран и дека понудата сè уште важи.

Тој нагласи дека Иран нема да го „надмудри“ американскиот претседател Доналд Трамп.

Рубио оцени дека „светот е побезбеден и постабилен отколку што беше пред 24 часа“, нагласувајќи дека САД „не бараат војна во Иран“ и дека целта на Вашингтон не е промена на режимот во Иран.

Државниот секретар на САД тврди дека Иран има сè што му е потребно за да произведе нуклеарно оружје.

Тој предупреди дека продолжувањето на нуклеарната програма на Иран може да го загрози опстанокот на режимот.

„Иранската програма е сериозно заостаната технички, не само поради она што го направивме синоќа, туку и поради она што Израелците го направија претходно, кои одлично ја завршија работата“, рече Рубио.