Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека преземањето одговорност за сопствената безбедност од страна на Европа, како дел од целта на НАТО за зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП, би помогнало да се спречат идните војни како онаа во Украина.

Зборувајќи по самитот на НАТО во Хаг, тој исто така изрази надеж дека конфликтот во Украина „наскоро ќе биде решен“.

Американскиот претседател рече дека неговата средба со украинскиот лидер Володимир Зеленски поминала „добро“ и дека се согласиле дека војната треба да заврши.

Тој рече дека планира да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина, но, нагласи дека е можно рускиот претседател да има територијални претензии надвор од Украина.

Трамп рече дека ќе разговара со ирански претставници следната недела, но не е сигурен дека договорот ќе биде потпишан бидејќи, како што процени, повеќе нема потреба од тоа.

Тој додаде дека верува оти Израел и Иран нема да ги обноват непријателствата бидејќи двете земји се „исцрпени“.

Зборувајќи за трошоците на НАТО, Трамп рече дека некои лидери изразиле загриженост дека нема да можат да ја исполнат новата цел на алијансата, сугерирајќи дека „повеќето“, но не сите европски сојузници ќе ги зголемат трошоците на пет проценти.

– Неколку од нив ми пријдоа, посебно еден, и рекоа: „Се обидуваме да го достигнеме на три проценти веќе 20 години, и не успеавме, а вие го достигнавте на пет проценти“, па тие ќе бидат… повеќето од нив (ќе придонесат). Претпоставувам дека скоро сите ќе придонесат“, им рече Трамп на новинарите.

Тој истакна дека во минатото, само неколку земји ја исполниле целта од два проценти, вклучувајќи ја и Полска, но дека ова сега се променило, што укажува дека Европа ќе мора да троши на „сериозна воена опрема, по можност американска“.

Трамп, исто така, ги пофали американските операции во Иран, како и одговорот на нападот на Иран врз американската база во Катар, и му возврати со комплименти на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.