Ерменските власти го уапсија архиепископот Баграт Галстанјан и уште 13 лица под обвинение за заговор за соборување на владата на премиерот Никол Пашинјан, соопштија властите.
Истражниот комитет на Ерменија соопшти дека поднел кривични пријави против Галстанјан и уште 15 лица за кои вели дека „се стекнале со средства и алатки потребни за извршување терористички напад и преземање на власта“.
– Претставниците за спроведување на закон осуетија голем и злокобен план на „криминално олигархиското свештенство“ за дестабилизација на ситуацијата во Република Ерменија и преземање на власта“, напиша Пашинјан на социјалните мрежи.
Безбедносните сили од утрово вршат претреси во домовите на членовите и поддржувачите на движењето „Света борба“.
Покрај архиепископот, приведени се и поранешниот пратеник во парламентот на Нагорно-Карабах, Давид Галстјан, и пратеникот од ерменскиот блок, Артур Саргсјан.
Истражниот комитет на Ерменија тврди дека движењето, по неколкумесечен неуспех во остварувањето на својата цел за преземање на власта на дозволен начин, си поставило цел да ја постигне „на начин што не е дозволен со Уставот“.
Ерменското списание „Граѓански“ објави дека добило „план за државен удар“ што опозицијата наводно го подготвува против сегашната ерменска влада.
Се тврди дека документот, кој наводно е добиен од сигурни извори во опозицијата, содржи план за дејствување, список на учесници и список на ресурси што им се достапни на заговорниците.
Линк до публикацијата се појави и на Фејсбук страницата на Пашинјан.
Би-Би-Си потсетува дека конфликтот меѓу премиерот и поглаварот на Ерменската црква трае веќе неколку месеци.