Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и ги одразува неговите лични ставови, а не нужно и ставовите Денешен.мк)
Не знам зошто на Бугарите им требаше ова со „современ македонски идентитет“ и „современ македонски јазик“. Свесни се дека тоа нема да го прифатиме, дека Заев, Ковачевски и Османи кои им го дадоа македонскиот народ на тацна со Францускиот документ и протоколите, се минато, и пак играат на истата закоравена карта, давајќи им повод на оние кои се против зближувањето на Македонија и Бугарија да продолжат со својата работа. Да добијат коска за глодање и да ја одработуваат својата задача.
И додека тука во Скопје, некои од нас се трудат што повеќе да работат на зближување на двата народа, пречките доаѓаат токму од Софија, која потоа, откако сето тоа ќе го поттикне, се жали на говор на омраза. Неверојатно! Прават се што можат, таа омраза, чие креирање е дело на двете комунистички служби во минатиот век, да биде што е можно поголема, а потоа се жалат. Се чини дека ова не е ненамерен превид, туку свесна стратегија која има за цел натамошно оддалечување на бугарскиот и македонскиот народ и задржување на односите од времето на комунизмот. Нормално, тоа и понатаму ја држи Македонија отворена кон Србија, кон српската музика, српската култура, а ги затвора враттие за нормална комуникација со Бугарија. За да може потоа таквите како „бизнисменот“ и најголемиот пораз и разочарување на чесните Македонците–патриоти, надежта на стечајците од затворените фабрики, Љупчо Георгиевски, да го обвинува својот народ за србофилство.
Во сето тоа, најмал залог е фактот што преговорите на Македонија со ЕУ ќе останат блокирани. Поголем залог е податокот дека Софија за нас и натаму останува далеку како Владивосток и дека токму Бугарија нема намера тоа да го смени. Закопана во своите негаторски позиции кон Македонија и македонскиот народ, таа упорно се труди да го преземе приматот во свеста на Македонците што со децении го држеше Грција. Па, нека е на здравје!
Во меѓувреме, за Македонија приоритет останува да ја крене својата економска позиција и стандардот на граѓаните со брзина по која треба да се движат возовите на најавената брза пруга. ЕУ во било која варијанта, дури и утре да ги вметнеме Бугарите во Уставот, ќе остане недостижна цел поради протоколите, па нема друг излез освен самите, наместо да чекаме од некој друг, да и ги замениме стаклените економски нозе на Македонија со стабилни, здрави и цврсти темели. Тоа подразбира веќе од наредната година зголемување на БДП за најмалку пет отсто, ако не и повеќе, а потоа и задржување на тоа темпо со години нанапред. Една стара економска анализа на Светската банка, која се однесуваше на азиските економски тигри – Сингапур и некои други азиски земји, утврди дека за една држава да ги стигне развиените западни земји, треба во континуитет, барем 25 години, да има пораст на БДП од по седум отсто годишно.
Во овој момент, во овие политичко-економски односи кои владеат во светот, пораст на БДП од седум отсто годишно изгледаат како осмо светско чудо, но наше е да ја бркаме таа цел, да трчаме по нејзе, па, до кај ќе стигнеме – ќе стигнеме.
Во спротивно оставаме простор за некој нов изрод од Муртино, кој под команда на некои нови амбасадори, ќе го доврши обезличувањето на Македонците по траекторија што веќе ја поставија Заев, Димитров и другите од таа компанија, а кои за жал, досега немаат одговарано за тоа што го сторија. Затоа, за оваа Влада, едно од клучните прашања, покрај другите за кои веќе со години зборувам (правна држава – судство, обвинителство, крај на криминалот и корупцијата и сл.) е да постави брана против идните „шарени револуции“, што значи воспоставување на структура која нема со влечки од некогашното ЧИК Куманово, закрпени со жичка таму каде што се скинале, жичка која им остава рани на нозете, да се бори против милионерски нафатираните од странски и од домашни извори предавници на оваа земја, кои за сопствен благодет се спремни да жртвуваат се – од идентитет, па се до постоењето на самата држава. Зашто во крајна линија, тоа е таа структура која ќе се бори и разно-разните државни секретари и слични функционери, кои сега се опиени со сопствената „големина“, кои не ја сфаќаат значајноста на ова прашање и глумат некаква си власт, да останат на местата на кои се поставени и тоа е таа патриотска структура која треба да го чисти просторот за постоење на влада која ќе ја држи Македонија на просперитетно ниво.
Илинденското востание не можело да успее, меѓудругото и затоа што немало доволно оружје. Причините за неуспехот се многубројни, од меѓународните односи до заблудите на Даме Груев и Сарафов дека треба да се издржи само две недели и до непостојната свест кај поширокото население за можноста за ослободување, за што пишував во минатата колумна. Но и самиот Никола Карев на Конгресот во Смилево се жалел дека Крушевската околија нема доволно оружје. Не можете да се борите против современата за тоа време османска војска, со вили и слични орудија и тука, саможртвите од типот на таа на Питу Гули не можеле да помогнат многу.
Еден Македонец од југот на денешна Македонија, во април 1941 година бил мобилизиран во кралската југословенска војска и со четата бил пратен на Беласица, на тромеѓето меѓу
Југославија, Грција и Бугарија да го брани кралот од германската наезда која доаѓала од јужниот ни сосед.
Подоцна раскажуваше дека кога војниците ги виделе германскиите тенкови како доаѓаат по рамнината на Солунското Поле, едноставно ги фрлиле застарените пушки и се
разбегале. Сите биле уапсени и спроведени во логор во Бугарија, по што биле ослободени, но тоа не го менува фактот дека за да се борите против оние кои ви сакааат зло, мора да имате услови за тоа. Во спротивно, осудени сте на пропаст. Друго е прашањето дали таа пропаст ќе дојде бргу, инстантно или ќе се влече како долготрајна агонија, како долготрајна хронична болест која секој ден ве гризе по малку се додека не ви го земе животот. И во такви услови, нема да имате шанси ни за предвидените три отсто пораст на БДП за оваа година, да не зборуваме за споменатите пет или седум отсто без кои Македонија ќе остане таму каде што е сега.
Се разбира, никој не зборува за тоа дека Македонија треба да застане и дека сите ресурси треба да ги насочи кон таа борба. Никој не зборува за тоа дека не треба да има 250 милиони евра за општините, дека не треба да се гради брзата пруга и сл. Во крајна линија, кога во државата самиот министер за здравство вели дека една болница, како таа во Бардовци и не е болница, дека условите се ужасни, дека недостигаат радиолози поради што долго се чека на резултатите од снимките, кога во Македонија има само 40 онколози во услови на вистинска епидемија на канцерот, дека недостигаат медицински сестри и друг персонал, дека допрва треба да се вложува во образованието и науката дека… и да на набројувам повеќе, значи кога е таква ситуацијата, јасно е дека приоритетите се различни и дека овие сектори не можат да се запостават на сметка на борбата со предавниците.
Но, исто така, треба да се има в предвид, дека во заднина, зад завесите на секојдневието кое го гледаме и кое го гледа обичниот граѓанин, па и еден дел од членовите на Владата, се води жестока пропагандна војна, дека пропагандната „Ал Каеда“ има свои ќелии во Македонија кои располагаат со сите потребни и можни ресурси и дека таа борба е жестока, секојдневна и дека во таа борба не можете да се влезете со опинци со кои партизаните излегувале в шума. Затоа, ова е прашање кое не смее да се запостави и да зависи од поединечен министер или некој негов секретар кој мисли дека сега светот станал негов со тоа што седнал во некаква си фотелја. Ова е прашање кое е едно од клучните за развој и кое мора да се избалансира со другите приоритетни потреби на државата и населението, а за кои зборував погоре.
Во спротивно, што и да се стори, каков и напредок да се постигне, порано или подоцна, штом ќе се крене Македонија, пак ќе имаме некое „Големо уво“ како тоа на Бранко Црвенковски од 2001 година кое ни ја замати војната со УЧК или како тоа на Зоран Заев чија цел беше да се смени тогашната влада и да се изврши предавство на националните интереси на Македонија.
А тоа, по трет пат не смее да ни се случи.