Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го извести Харвард дека, според резултатите од истрагата, институцијата го прекршила федералниот закон за граѓански права во начинот на кој се однесува кон еврејските и израелските студенти.

Во писмото, кое денес беше испратено до претседателот на Харвард, Алан Гарбер, се наведува дека универзитетот ќе го изгуби федералното финансирање доколку веднаш не ги спроведе потребните промени, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на „Волстрит џурнал“.

Доналд Трамп претходно изјави дека се обидува да изврши притисок врз Харвард и другите водечки универзитети во САД, бидејќи, како што тврди, тие „сè повеќе подлегнуваат на левичарските „разбудени“ идеологии и стануваат упоришта на антисемитизмот“.

„Волстрит џурнал“ објави дека администрацијата јасно ставила до знаење дека лошите односи со федералните власти ќе продолжат доколку ситуацијата не се промени.