Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека руските власти континуирано се занимаваат со прашања за реконструкција и развој на, како што вели тој, „нови региони на Руската Федерација“ со оглед на важноста на оваа работа.

„На дневен ред се прашања за обнова и развој на економијата, транспортот, социјалната и другата инфраструктура на Донецката и Луганската народна република, како и на Херсонската и Запорошката област. Со оглед на обемот и посебното значење на оваа работа, редовно се враќаме на ова прашање“, рече Путин за време на сесијата посветена на социо-економскиот развој на таканаречените нови субјекти на Руската Федерација, пренесува РИА Новости.

Путин нагласи дека ситуацијата во секој регион се следи поединечно и дека се оценува имплементацијата на клучните проекти насочени кон создавање нови работни места и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

„Во соработка со владата и регионалните тимови, анализираме конкретни резултати. Разгледуваме како функционира координацијата меѓу државните органи, државните компании и бизнисите“, рече Путин.

Тој постави цел Донецката и Луганската народна република, како и Херсонската и Запорошката област, да го достигнат просечното ниво во сите клучни индикатори во Русија до 2030 година, вклучително и квалитетот на животот.

„Ова вклучува изградба или реконструкција на образовни, културни, здравствени и спортски објекти, како и развој на патишта, систем за домување и комунални услуги, целата социјална инфраструктура и создавање нови работни места со пристојни плати“, нагласи Путин.

Руските власти, додаде тој, планираат да реконструираат дополнителни 9.600 километри патишта во Донбас и Новоросија.