Руското Министерство за надворешни работи денеска го повика на разговор амбасадорот на Азербејџан во Москва, поради, како што соопшти, „непријателски постапки“ и „незаконско приведување“ на руски новинари кои работеле во земјата.

Напнатоста меѓу Москва и Баку ескалира, откако Азербејџан ја прекина организацијата на руски културни настани, реагирајќи на неодамнешните апсења на етнички Азербејџанци во Русија, осомничени за сериозни кривични дела.

Азербејџанската полиција денеска извршила претрес во канцеларијата на руската новинска агенција „Спутник“ во Баку. Според локалниот медиум „Минвал“, приведени се две лица за кои се тврди дека биле припадници на руската разузнавачка служба, кои работеле под прикритие во „Спутник Азербејџан“.

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, изрази загриженост и потврди дека амбасадата на Русија во Баку побарала објаснување од локалните власти.

Односите меѓу двете земји дополнително се влошија поради падот на авион на азербејџанската авиокомпанија во декември, за кој Баку индиректно ја обвини Русија. Азербејџан, исто така, неодамна го осуди убиството на двајца свои државјани при полициска рација во Екатеринбург.

Азербејџанското Министерство за култура вчера ги откажа сите културни настани поврзани со Русија, наведувајќи „системски насилства врз азербејџански граѓани од страна на руските безбедносни служби“.

Во телевизиска емисија на АзТВ, државната телевизија, беа упатени остри критики кон Кремљ, а претседателот Владимир Путин беше спореден со Јосиф Сталин.