Германското здружение за заштита на природата НАБУ го прогласи челникот на енергетската компанија RWE, Ролф Мартин Шмиц за „диносаурус на 2018 година“, поради реакцијата на протестите против сечење на шумата Хамбах.
При објавувањето на „титулата“, од НАБУ нагласија дека со сечењето на преостанатиот дел од шумата Хамбах заради проширување на рудник за лигнит, Шмиц долеал масло на оган на жестоките расправи во Германија за заштита на климата.
Активистите во шумата подигнаа импровизиран камп за да спречат сечење, а од RWE бараа тие итно да се повлечат и тоа поттикна низа протести.
– Шмиц со „застарена демонстрација на сила“ прекрши стандарди на прифатливо однесување во расправата за заминувањето на демонстрантите од шумата, изјави Олаф Чимпке претседател на НАБУ.
Судот запре сечење на таа шума поради проценки за можно загрозување на заштитен вид лилјаци.
Шефот на НАБУ го нарече Шмиц – Индустриски диносаурус – кој мора да сфати дека времињата се промениле.
– На крајот на краиштата и во RWE мора да знаат дека Германија мора да престане да користи јаглен ако сака да исполни цели за заштита на климата од Парискиот договор, додаде тој.
RWE е меѓу најголемите загадувачи на воздух во Европа поради електрани на јаглен.